ФОТО | Се урна најмодерниот воен авион: „Молња“ од 115 милиони долари падна во Средоземно Море

Флота „ф35б" на британскиот носач „Квин Елизабет"/Фото: EPA-EFE/KATIA CHRISTODOULOU

Британски борбен авион „ф-35 лајтнинг“, најмодерниот ловец и едно од најскапите воени летала воопшто, се урнал во меѓународни води при рутински лет во Средоземно Море.

Пилотот на време се катапултирал и бил евакуиран од Кралската морнарица и вратен на носачот на авиони „Квин Елизабет“.

Министерството за одбрана на Обединетото Кралство објави дека нема да го коментира инцидентот сѐ додека не заврши истрагата. Министерството само потврди дека пилотот е жив и здрав и дека не биле вклучени други авиони во инцидентот што се случил во 10 часот во меѓународни води.

Министерот за одбрана Бен Волас изјави дека авионот се урнал речиси непосредно откако летнал и дека морнарите и пилотите на „Квин Елизабет“ продолжиле со редовните обврски и вежбовни летови.

– Благодарни сме што пилотот е безбеден, добар и назад со нас – изјави Волас.

На носачот има десет британски и осум американски „ф35б” /Фото: EPA-EFE/KATIA CHRISTODOULOU

На „Квин Елизабет“ има вкупно 18 повеќенаменски борбени авиони „ф35Б“, осум на Кралската авијација и десет на американскиот Марински корпус. Само овој тип авиони досега извршиле повеќе од 2.000 мисии од „Квин Елизабет“ во изминатите шест месеци без каков било инцидент. Носачот, на својата прва мисија воопшто, плови до матичното пристаниште откако учествуваше на вежби во Индо-пацифичките води.

Моделот „ф35б“ е најмодерниот и најскапиот борбен авион во британската авијација. Произведен од американската компанија „Локид-Мартин“, моделот „б“ има способност да летне вертикално или со краток залет, а во лет е заштитен од радари со „стелт“ технологија. Со стандардното вооружување од 25-милиметарски топ, два противавионски проектили и две наведувани бомби од по половина тон, авионот може да достигне брзина од 1,5 Мах и има борбен радиус на дејство од 833 километри.

Во јуни годинава токму авиони „ф-35б“ ја спроведоа првата борбена мисија на Кралската авијација по пауза подолга од десет години, против цели на групата Исламска држава на Блискиот Исток. Освен на носачот, Британија има стационирано „ф-35“ и во својата воздухопловна база на Кипар. Лондон планира да купи уште 138 „молњи“, со што ќе ја има третата според бројност флота на авиони „ф-35“ во светот, по САД и Јапонија.

Ова не е прво уништување на авионот со вредност од 115 милиони долари. Првиот „ф-35“ што се урнал бил моделот „б“ на американскиот Марински  корпус во Јужна Каролина во септември 2018 година, а во 2019 година во Пацификот се урна јапонски „ф-35а“, при што загина пилотот. По истрагата за инцидентот, кој се случил на вежбовен лет во ноќни услови, јапонското Министерство за одбрана заклучи дека пилотот „не можел соодветно да ја почувствува средината во која летал и удрил директно во океанот“. Во мај 2020 година при рутински лет се урна „ф-35а“ на Военото воздухопловство на САД.

Иако нема официјални најави, се претпоставува дека Кралското воздухопловство ќе спроведе сложена мисија за пронаоѓање и евентуално извлекување на остатоците од авионот урнат во Средоземно Море. „Перјаницата“ на авионите од „петтата генерација“ содржи технологии што се чуваат како најстрога тајна, а особено вредни се информациите од базата на податоци.

Авионски експерти го критикуваа моделот „ф-35“ како „прескап“ и „борбено неефикасен“, но креаторите од „Локид-Мартин“ ја истакнуваат неговата флексибилност и универзална применливост во разни родови и воени сили. Најголемата предност во однос на другите авиони се напредните сензори, комуникациски уреди и авиониката, која обезбедува итна размена на податоци со командите и сателитите, како и прецизно следење на целта и блокирање на радари.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот