ФОТО: Пуштена во употреба нова современа детска градинка во Шуто Оризари

Нова детска градинка „8 Април” со капацитет да згрижи над 300 деца беше пуштена во употреба денеска во општината Шуто Оризари. Таа е енергетски ефикасна, зелена и инклузивна, односно во неа ќе можат да бидат згрижени и дечиња кои имаат некаква попреченост. Дополнително, во состав на градинката ќе функционира и дневен центар за деца од улица.

– Со гордост можам да најавам дека од денеска децата од оваа општина со 22 илјади жители претежно од ранливи категории ќе имаат можност да престојуваат во модерна градинка конципирана според највисоките стандарди за предучилишна установа. Драго ми е што оваа е единствена ваква градинка која што ги има вградено сите стандарди за коишто зборуваме и е прва во Северна Македонија токму овде во Шуто Оризари, рече на отворањето на градинката премиерот Зоран Заев.

Тој појасни дека објектот е изграден со примена на најсовремени енергоефикасни решенија и со вграден зелен покрив кој нуди дополнителни можности за активности на децата на отворено.

– Очекувам отворањето на оваа детска градинка да има позитивно влијание врз целокупната заедница на оваа општина, да создаде услови за поголема активација на невработените Роми на пазарот на трудот, посебно на невработените жени, како и подобрување на образовните услови за нашата ромска заедница, рече Заев.

Со ова, додаде, покажуваме дека остануваме посветени на борбата за остварување на подобра социјална интеграција и социјализација на децата од ранливи категории од ромска заедница и почнуваме и порачуваме дека сите деца ни се еднакво важни и заслужуваат еднакви шанси.

Од септември до денес, рече премиерот Заев, се отворени нови 12 градинки, а до крајот на годината е предвидено да бидат завршени уште дополнителни 13 нови детски градинки со опфат од 1400 деца.

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Министерката за труд и социјална политика Јахода Шахпаска рече дека градинката ќе има капацитет да згрижи 306 деца, од кои 236 деца од две до шест години, а 70 во јасли.

– Објектот е изграден согласно најсовремените светски и европски стандарди, енергетски е егикасна, има зелен кров, но најважно од е се што таа ќе биде инклузивна, односно во неа ќе може да доаѓаат и дечиња кои имаат попреченост, рече на отворањето Шахпаска.

Дополнително, додаде, ќе има и дневен центар за деца во социјален ризик.

– Тоа значи една организирана грижа за децата кои се на улица да доаѓаат на дневно ниво да добиваат поддршка опрема, да совладуваат ИТ вештини со професионалците, со цел тие да се тргнат од улиците да одат на училиште, рече министерката за труд и социјална политика.

Потенцира дека планот на Владата и на Министерството за труд и социјална политика е до крај на мандатот до 2024 година да има 60 проценти опфат на деца во градинките.

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Геир Хохансен, заменик амбасадор на Норвешка со чија финансиска поддршка се реализира изградбата на градинката истакна дека земајат чиј претставник е тој посветува големо внимание на образованието и вопитанието на децата од најмала возраст.

– Квалитетното образование од најмала возраст е клуч кој ќе ги отвори нивните потенцијали во пристапот до вработување, но и јакнење на жените и нивна еконосмака независност, рече тој.

Според, него, од особена важност е отворањето на вакви објекти во заеднилици и локални средини кои не се доволно развиени, со цел, како што истакна, да може да фатат чекор со поразивиените и сите деца да имаат еднакви шанси.

На отворањето на градинката присуствуваа и градоначалникот на Шуто Оризари Куро Дудуш и постојаниот претставник на УНДП, Нарине Сахакијан.

МТСП учествуваше во опремување на градинката во вредност од 6,5 милиони денари, додека градежните активности се реализираа со 1,5 милион долари од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград преку УНДП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот