ФОТО | Претседателот Пендаровски ги додели сертификатите на учесниците на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“

Стево Пендаровски „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“
Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Вила Билјана во Охрид им додели сертификати на учесниците на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“ што се одржа под негово покровителство, со цел надградување и размена на високотехнолошките вештини кај млади луѓе од нашата земја и од дијаспората.

Низ наставна програма реализирана од предавачи на СТЕМ, учесниците на возраст од 11-15 години имаа можност да ги развиваат нивните вештини за кодирање и роботика, да воспостават пријателства, да ги истражуваат локалните природни убавини, нашето културно наследство и традиција.

Честитајќи им го успешно завршениот камп, претседателот Пендаровски истакна дека покрај работата од наставната програма, учесниците имаа и по неколку часа прошетка низ културно-историските знаменитости на овој дел на државата при што се запознаа со богатата историја на нашата земја, а истовремено имаа и можност за меѓусебна дружба.

– Она што го научивте тука и она што допрва ќе го учите во оваа област во роботиката се разбира дека е значајно, меѓутоа по мене позначајно е тоа што се дружевте помеѓу себе и направивте, се надевам, пријателства за цел живот”, истакна претседателот Пендаровски.

Стево Пендаровски „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“
Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Кампот беше организиран од Македонија 2025 во партнерство со МАСИТ – Македонска стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, Млади Инженери и Охридско Лето. Спонзори на Кампот се Американската амбасада, Алкалоид и Herbal Science US.

Од вкупно 52 апликации беа избрани 17 учесници коишто имаа предзнаење за кодирање и роботика. Приоритет се даде на апликанти од социјално ранлива категорија, а притоа беше запазена и родовата, територијалната, рурално-урбана застапеност и ентичката припадност. Учесниците пред претседателот Пендаровски ги презентираа роботите коишто ги програмирале во рамки на нивните проекти, реализирани во кампот за високо-технолошка извонредност.

Пред почетокот на денешната свеченост, учесниците имаа можност подетално да се запознаат и со историјатот на Вила Билјана, да ги посетат работните простории на претседателот Пендаровски, да се информираат за неговата работа и надлежности. Ваквата активност во рамки на Отворен Кабинет е веќе воспоставена практика во Кабинетот на претседателот во Скопје, а денеска за првпат се реализира и во Вила Билјана, во Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот