(ФОТО) По свадба – тапани за историскиот час на Дехари во Кичево

На по свадба тапани, ќе се сведе реакцијата на партиите од македонскиот политички блок за јубилејната прослава на кичевскиот градоначалник Фатмир Дехари. Кичевски советници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ идниот месец ќе му побараат отчет на градоначалникот Дехари за прославата „10 години Кичево под албанска власт“, односно колку потрошил за организацијата на едноетничката манифестација во мултиетничко Кичево на која „заборавил“ да ги покани не само нив, туку и функционери, културни работници и општественици Македонци.
За националистичката прослава засега реагираше само општинската организација на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево. Од коалицискиот партнер на ДУИ, СДСМ, молчат за прославата на Дехари.
Впечатливо е дека СДСМ и коалицијата само три дена претходно бурно реагираа на објавата на опозицискиот градоначалник на Тетово и претседател на Беса, Билал Касами, дека Тетово е главен град на Албанците во Северна Македонија.
Градоначалникот Дехари два дена упорно одбива да одговори на прашањата на „Слободен печат“ зошто е потребно да се организира ваков настан, дали се поканети политичари и општественици Македонци, кој е организатор, колку чини организацијата и кој ја плаќа.
Дехари, наместо да ѝ одговори на јавноста, тој на Фејсбук објави фотографија со вработени во Општината, облечени во црни маици со картата на Кичево. По фотографијата градоначалникот напиша:
„Гордоста што ни ја подаривте и денес како и пред 10 години заедно со вас во палатата на културата“.
Објавена е и фотографија со колачиња со албанското знаме и со испишано „10 години гордост“.
Лазе Јакимовски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кичево, манифестацијата ја оцени како приватна журка на Дехари. Тој вели дека на првата седница на Советот на Општината во април ќе побараат Дехари да одговори зошто Советот не бил консултиран за прославата, во чија организација е и колку пари од буџетот на кичевци се потрошени за националистичката манифестација. Јакимовски се сомнева дека целиот буџет за култура Дехари го потрошил за прославата, бидејќи претходно не бил прифатен ниту еден проект од културата.
„Станува збор за приватна журка на Дехари на која ќе промовира национализам и иредентизам. Што е гордо и достоинствено во неговото владеење, дали дека направи пустош и егзодус? Дека се иселени многу граѓани, пред сè Албанци, дека се затворени многу фирми, а тој соработува само со неколку? Опустошена е чаршијата! Владее корупција! Еманципираните и образовани Албанци не може да ги задржи со приватна журка и со илјадници албански знамиња. На што е горд Дехари?“, праша Јакимовски.
Координаторот на советничката група на СДСМ и коалициски партнер на ДУИ, Иванчо Божиновски, само кусо ни одговори дека советниците не биле консултирани за прославата и дека тој лично не се согласува со таква манифестација и дека СДСМ Кичево ќе го каже ставот откако ќе се координираат со Извршниот одбор.
За прославата на Дехари реагираа Левица и Петар Богојески, претседател на Македонски концепт, кој директно ги повика премиерот Димитар Ковачевски и министерот Оливер Спасовски да реагираат на овој етнички шовинизам.
„Дехари признава дека Македонија денес е под албанска етничка власт, без никаква почит кон мултиетничноста или евентуално граѓански карактер на земјава. Не е првпат Кичево или други македонски градови да се окупирани од албански шовинисти, фашисти или сталинисти. Каде е полицијата и нека најде едно македонско знаме во Кичево? Според кој закон работи Општина Кичево и Дехари? Кои мерки државата ги презеде за заштита на уставниот и законски поредок на земјава? Дали Димитар Ковачевски знае што му се случува во земјата или и тој ќе оди на пригодната свеченост за албанската власт во Кичево“, реагира Богојески.
Димитар Апасиев, лидерот на Левица, преку Фејсбук го прозва премиерот Ковачевски.
„Кукавицата Димитар Ковачевски молчи, додека ДУИ Кичево го третираат како освоена територија и Македонците како граѓани од втор ред! Албански знамиња и натписи на албански со наслов ‘10 години од албанското владеење на Општина Кичево’ и програма со историски час ‘Кичево под албанска власт’!? И не смееме да заборавиме дека 2013 година ДПМНЕ им го подари Кичево на ДУИ, за тие да го уништат и соживотот и градот“, напиша Апасиев.