ФОТО: Пенрадовски со орден ја одликуваше Организацијата на Обединети Нации

Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, вчера попладне претседателот Стево Пендаровски во Њујорк ја одликуваше Организацијата на Обединетите Нации со Орден на Република Северна Македонија.

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровкси, тој го врачил одликувањето на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш кое се доделува за големата помош и поддршка на ОН при справувањето со последиците од катастрофалниот скопски земјотрес и за непроценливиот придонес за обновата на градот Скопје, којшто прерасна во град на солидарноста и вистински симбол на пријателството меѓу народите.

На средбата со Гутереш, шефот на државата разговарал за севкупните активности на Македонија во рамки на Обединетите Нации, како и за улогата на организацијата во справувањето со глобалните предизвици.

-Претседателот Пендаровски се заблагодари за посветеноста на ОН во нашата земја и изрази очекување соработката во иднина да продолжи со зголемен интензитет. Тој нагласи дека континуираниот ангажман на ОН во Северна Македонија придонесува за зајакнување на капацитетот на земјата во клучните сектори за развој на македонското општество, се наведува во соопштението.

На средбата, исто така, биле разменети мислења и информации за текот на нашите евроинтеграции, за актуелната политичка и безбедносна состојба во регионот, како и за руската воена агресија врз Украина. Претседателот Пендаровски ја истакнал нашата силна заложба и посветеност за јакнење на улогата на ОН во справувањето со глобалните предизвици.