ФОТО | Ова е најскапата куќа на светот – се продава за 300 милиони долари

Фото: Wikimedia Commons/Geograph

Вилата Холм сместена на четири хектари во Реџентс парк во Лондон, се очекува да достигне цена од 250 милиони фунти (околу 300 милиони долари), што ќе ја направи најскапата надвижност некогаш продадена во Обединетото Кралство.

Паднала во рацете на стечајните управители

Вилата Холм, изградена во 1818 година во Реџентс парк, излезе на пазарот како залог за огромен заем што го подигнаа сопствениците од Саудиска Арабија. Вилата е ставена во рацете на стечајните управители кои ја покренале продажбата, а се верува дека тоа ќе биде куќа која во досегашната историја на Лондон ја достигнала највисоката цена, пишува „Фајненшл тајмс“.


Вилата Холм веќе го привлече вниманието на екстремно богатите купувачи, а агентите задолжени за продажба на оваа недвижност очекуваат цената да биде околу 300 милиони долари. Тоа би ја надминало цената на претходната најскапа куќа во Лондон, вилата вредна 210 милиони фунти со поглед на Хајд парк, која ја купи основачот на „Евергранд“, еден од најбогатите Кинези, Хју Ка Јан.

Продажбата на вилата и необичните околности околу неа даваат ретка можност да се ѕирне во бизнисот на богатите странски инвеститори на лондонскиот пазар на недвижности – во трансакциите кои најчесто се обвиткани со вел на тајност.

Вилата паднала во рацете на стечајните управители како залог за заем од околу 150 милиони фунти, заедно со куќа во Њујорк и авион, но извор изјавил за „Фајненшл тајмс“ дека аранжманот истекол.

Фото: Wikimedia Commons

40 соби, тениски терен…

Вилата Холм има 40 спални соби и импресивни 2.700 квадратни метри станбен простор. Покрај безброј соби, вилата има осум гаражи, тениско игралиште, библиотека, сауна и голема трпезарија. Имотот има и уредено езеро, простран тревник и бујно зеленило.

Многумина оваа вила ја споредуваат со Белата куќа во Вашингтон поради нејзината фасада и големина.

Оваа 205 години стара вила, една од малиот број барани резиденции лоцирани во централниот парк во Лондон, е изградена како дом за Џејмс Бартон, инвеститор за недвижности, кој изградил над 3.000 објекти во централните делови на Лондон.

Фото: Flickr

Упатените тврдат дека во моментот двајца од тројцата потенцијални купувачи кои пројавиле интерес за вилата се од Лондон, а третиот е од странство. Се претпоставува дека вилата ќе ја купи инвеститор, а не семејство што планира да живее во неа. Холм го привлекува интересот на странските инвеститори, исто како и другите куќи во скапите лондонски области. Имено, 48 отсто куќи во најскапите делови на Лондон во првите шест месеци во 2022 година е продадено на меѓународни купувачи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот