ФОТО| Осум години од ужасните поплави во Стајковци во кои загинаа 22 лица
На денешен ден пред осум години, Стајковци и околните села Смилковци, Сингелиќ и Арачиново беа погодени од страотни катастрофални поплави, во кои животот го загубија 22 лица.
Незапаметеното невреме почна во попладневните часови, кога целиот Скопски регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер. На 6 август 2016 година за 24 часа во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.
Околу илјада граѓани беа евакуирани во текот на ноќта.
Граѓаните од целата држава, координирани од Црвениот крст, кризниот штаб и надлежните институции, во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите, а 8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост.
Управата за хидрометеоролошки работи во извештаите по невремето информираше дека на Зајчев рид – главната метеоролошка станица во Скопје, бил забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри.