ФОТО: Од страстен навивач за Работнички до градоначалник, Саша Богдановиќ како мал од дома „крадел“ шишиња пива за да ги крши

Знаев и моите родители понекогаш да ги „извадам од памет“. Во 2001ва, без никој да знае, отидов во Тетово да го барам мојот братучед на местата каде се водеше воениот конфликт, а подоцна повторно отидов да го барам татко ми во Арачиново и Радуша.

Неретко, политичарите поради својата професија се подложни на критика, исмејување, па дури и говор на омраза. Луѓето како да забораваат, дека и тие, со сите свои слаби страни и доблести, се живи суштества како и секој од нас. Токму затоа, денеска ќе ја раскажеме приказната за Саша Богдановиќ, а вие се надевам ќе ја прочитате без пристрасност поради неговата градоначалничка позиција.

Фото: Приватна архива

Саша Богдановиќ е роден во Постојна, Словенија, каде живее до 1991-ва, имено до распадот на поранешна Југославија, бидејќи неговите родители работеле во Југословенската Народна Армија (ЈНА). Првите шест години ги минува во местото Випава, мало гратче во Словенија, како што самиот вели, во среќна и мирна околина, каде што пред сѐ, се дружеле сите деца кои живееле таму, и додава:

– Прво сеќавање од детството ми е тоа дека татко ми отсекогаш се грижеше во домот сѐ да биде подмирено, ништо да не ни недостасува, било да е тоа за јадење или за пиење. А јас, како многу мал, редовно земав по две – три шишиња пива и ги кршев, бидејќи ми беше многу интересен процесот на создавање на пената при кршењето (н.з се смее). Еднаш татко ми ги преброја пивата, сфати дека му недостасуваат неколку и му беше чудно зошто дете од две – три години има потреба да „краде“ пива. Откако му објаснив за што станува збор, после и тој самиот ми дозволуваше од време на време да скршам по некое пиво. Имавме среќно и безгрижно детство. Бевме многу слободни, тогаш не одевме во градинка, но за жал, со започнувањето на војните во поранешна Југославија, се вративме во Македонија, од каде што и потекнува моето семејство и потоа започнав нов детски живот со другарите од Капиштец, со кои и до ден денес се дружам.

Саша вели дека најинтересниот период од неговото детство се деновите од основно училиште, бидејќи тогаш биле најслободни, имале најмногу време и можеле долго да ги играат омилените маалски игри. Најтажен период од детството на Саша е 2001-вата година, за време на воениот конфликт, кога речиси една година не можел да го види татко си дома, бидејќи бил ангажиран во тој период. Најсреќен за него е денот кога матурирал, бидејќи тогаш прв пат се почувствувал како возрасен.

Фото: Приватна архива
Кој период, настан или можеби совет од детството најмногу влијаел да се изградите во личноста која сте денес?

– Тука би го издвоил периодот кога бев во средно училиште, бидејќи од мои 15-16 години веќе работев, дали во кафетерии или на други места, каде почнав да заработувам за џепарлак. Тогаш веќе почнав да станувам посериозен, па од што беше во мода, пропушев и цигари. Во тоа време, сите машки и женски, за да станеме „фраери“, знаевме да запалиме по некоја цигара. Јас бев уште посреќен дека сето тоа можев да си го допуштам со парите кои сам си ги заработував.

Каков тинејџер бевте? Правевте ли проблеми? Ги „вадевте ли од памет“ вашите родители со некои постапки?

– Бев оној кој секогаш балансира во друштвото. Имав другари кои беа премногу „мирни“, имав и другари кои пак беа „бесни“, а јас секогаш бев со средина и тоа ми беше најтешкиот дел во другарувањето, бидејќи кога и да настанеше некој проблем, јас бев тој во средина кој секогаш го кркаше подебелиот крај (н.з се смее). Сме имале проблематични ситуации, особено кога сме оделе на кошаркарски натпревари, со другари со кои до ден денес другарувам, знаевме да се извикаме и понекогаш да опцуеме, да си префрлиме со по некое пенкало или запалка на трибините или надвор од нив. Како што одминуваше времето, сфативме дека тоа не е суштината. Во ред е да се извикаш и да навиваш, но тоа секогаш да заврши со едно спортско признавање на пораз и честитки за победата, никако поинаку. Знаев и моите родители понекогаш да ги „извадам од памет“. Имавме неколку такви „вонредни“ ситуации. Едната беше во 2001-ва, кога без никој да знае, отидов во Тетово да го барам мојот братучед на местата каде се водеше воениот конфликт, потоа откако ме вратија дома, ме искараа. А подоцна пак отидов да го барам татко ми во Арачиново и Радуша (н. з се смее). Среќа што поминав жив и здрав. Имало и други ситуации каде сме знаеле да направиме некои не доволно промислени постапки.

Фото: Приватна архива

Саша Богдановиќ на натпревари оди од свои 9 години, бидејќи, како што самиот вели, тогаш тоа било моден тренд на Балканот, но и во Европа.

– Јас започнав да одам со моите маалски другари и со другарите од Центар и Карпош и полека оформивме навивачка подгрупа на Работнички. Кога ќе станеш страсен навивач, редовен дел од групата, за да се докажеш мора да бидеш доста активен. Го имавме цело маало и цела Општина Центар ишарано со графити, пароли и сѐ она што е потребно да има еден навивач. Јас бев тој што беше задолжен за пиротехника и по тоа останав познат. Секогаш се трудев да направам добра кореографија и добра „баклијада“, сѐ со цел да има повеќе енергија додека се следи одреден натпревар. Преку навивањето и навивачката група научив што е тоа да сакаш нешто од срце и да го работиш, но и да го споделуваш со сите останати околу тебе. Преку навивањето и одењето на натпревари сфатив ја научив разликата помеѓу добро и лошо, односно да бидеш дел од нешто што се бори на секој можен начин, тоа што го прави секој вистински навивач, а тоа е преку поддршка и активности да придонесе за нешто што е општо заедничко добро. Тоа ме научи така да функционирам во животот. После извесно време, со стекнување на мојот круг на пријатели и со моето докажување во одредени работи, се вработив во приватна компанија, нормално останав верен и доследен и продолжив да ги посетувам натпреварите на КК „Работнички“, раскажува нашиот соговорник.

Фото: Приватна архива

На 28 години, кога станува директор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, не престанува да оди  на натпревари, но се повлекува од трибините, за да не им се даде некаква политичка конотација на неговите другари и на самата трибина. Тогаш станува дел од управата на клубот, на која што додека бил навивач, ѝ давал и поддршка и критика.

– Сега јас бев дел од таа иста управа и тогаш требаше да придонесам многу повеќе за „Работнички“, така да не оди во исто време да бидеш и навивач и дел од управата, но останавме во одлични релации со сите мои другари кои и до ден денец се на трибините. После директорувањето во ЈП „ПОЦ“, беше создадена опцијата да ја преземам и Општина Центар, со тоа што добив уште поголема одговорност во моето функционирање, но и уште поголема одговорност во мојот придонес кон КК „Работнички“.

Иако сте припадник на одредена партиска идологија, која е границата која сметате дека ниту еден политичар не смее да ја премине?

– Да, припадник сум, на 18 години станав дел од СДСМ. Што се однесува на политиката, станува збор за жива материја, треба луѓето секогаш да се прилагодуваат, се менуваат околности, но ниеден политичар не смее да се премине самиот себе си. Бидејќи тогаш се менува целата суштина за тоа што сте влегле во некаква приказна, дали била таа политичка или било каква друга. Човекот треба да си остане тоа што е. Доколку се промени во тој дел, поради одредена функција или позиција, тогаш се изгубил самиот себе.

Со оглед на вашата работна позиција, би сакале ли да го споделите најнепријатното искуство како градоначалник, поради кое ви дошло да „кренете раце од сè“?

– Сѐ уште не сум стигнал до таква ситуација да кажам дека кревам раце од сѐ. Нормално, имало тешко моменти, имало моменти кога едноставно сте се запрашувале дали нешто треба да продолжи или треба нешто да се размисли, да се отстапи од нешто. Конкретно, за мене, имаше едно случување каде што после неколку месеци од моето стапување на функцијата градоначалник, покрај расчистувањето на сите доспеани обврски, добивме судска пресуда која наложуваше од општинската сметка да бидат наплатени 1.5 милиони евра, со што функционирањето на целата општина беше доведено во прашање. Но, по неколку денови, наплативме некои средства кои пак нас ни ги должеа и полека, почнавме да излегуваме од таа финасиска „дупка“. Тоа беше еден од најтешките моменти во моето работење, бидејќи морав да плаќам за нешто што некој друг го погрешил. Но, се надомести и таа штета, а после неколку месеци со пресуда на Врховниот суд, успеавме да ги вратиме и тие средства што ни беа наплатени и ги искористивме за планираните проекти, кои ги одложивме за некој месец.

Претпоставувам дека работата ви е прилично стресна, вие сте млад, а сепак носите голема одговорност. Кој е вашиот „издувен вентил“? Имате ли хоби, имате ли воопшто време за себе и најблиските?

– Претходно сум имал повеќе време за хобија, нормално, да излезеш со другарите… сега „издувниот вентил“ е нормално, со најблиското семејство, сопругата, родителите, најтесниот круг на пријатели. Времето за „издувување“ најчесто е некој спортски натпревар, ќе отидеме, ќе се извикаме, ќе ја испразниме од себе негативната енергија. Одиме на планини, во посета на некои места кои си имаат некоја духовна тежина, духовно значење. Сакам места каде што може да си најдете, но и да потрошите дел од вашата енергија, воедно наоѓајки некакво смирение. Она слободно време што го имам го користам за возење велосипед со сопругата, одиме на јавање коњи, често ги посетуваме македонските планини и ги искачуваме нивните врвови.

Што најмногу Ви недостасува од животот кој го живееше нашата генерација? Што е она кое жалите што нема да го видат и доживеат вашите деца?

– Според мене, се намали страста за одење на натпревари. Тоа беше нешто за што машките во нашите, моите генерации живееја. Живеевме за дерби, живеевме за дружење во маало и седење на клупа, живеевме за играње „сервис“, живеевме за секакви игри, за разлика од денешните генерации, кои се сконцентрирани најмногу на мобилните телефони. Се надевам, како што ќе растат, ќе сфатат дека не е само екранот, компјутерот или таблетот нешто што треба да нѐ надополнува и се надевам дека со некои активности што се прават, некои од навиките можат да бидат вратени.

Видео на денот