ФОТО | Ново откритие: Египетските археолози ја пронајдоа најголемата работилница за мумифицирање

Фото: Instagram/ history_of_egypt7

Египетските археолози ги открија „најголемите и најкомплетните“ работилници за мумификација на луѓе и животни пронајдени на локација во близина на Каиро, пренесува британскиот „Телеграф“.

Работилницата, која датира од 30-та династија и раната ера на Птоломеј (IV век п.н.е.), била пронајдена во близина на пирамидата на Џосер, најстарата камена пирамида.

Фото: Instagram/ history_of_egypt7

„Два камени кревети за човечко балсамирање беа пронајдени во голем број простории. Креветите беа долги приближно два метри и широки еден метар. Тие беа направени од камени блокови и покриени со слој малтер што се спушташе до олук.“ рече Мостафа Вазири, генерален секретар на египетскиот врховен совет за антиквитети.

Работилницата за мумификација на луѓе е правоаголен објект изграден од кал од тули поделен во голем број простории кои содржат два кревети за балсамирање. Други откриени материјали за мумификација вклучуваат ленени ролни, тегли со коноп и алатки што се користеле за извлекување на внатрешните органи.

Фото: Instagram/ history_of_egypt7

Работилницата за мумификација на животни е со правоаголна структура изградена од кал, тула и камен, поделена на повеќе соби и сали. Во неа се содржат самите погребувања на животните, бронзени алатки за мумификација, како и пет кревети од варовник вдлабнати во подот.

Фото: Instagram/ history_of_egypt7

Откритијата на археолозите вклучуваат и две мали гробници стари 4.400 и 3.400 години кои се врежани во карпа. Се верува дека овие гробници припаѓаат на високи функционери и свештеници.

Фото: Instagram/ history_of_egypt7

На ѕидовите на една од гробниците се пронајдени натписи за одгледувањето, ловот и други активности, како и голема колекција на артефакти, во кои имало прекрасни недопрени дрвени и камени статуи и погребни предмети.

Фото: Instagram/ history_of_egypt7

Инаку, мумификацијата во древниот Египет била сложена процедура која одземала многу време и можела да потрае и до 70 дена. Првиот чекор било да се извлечат внатрешните органи, кои потоа биле поставувани во камени или керамички тегли. Телото потоа било миено, покривано со натрон, природно апсорбирачки минерал и оставано да се исуши 40 дена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот