ФОТО: Нови протести во Холандија, уапсени се над 180 демонстранти

Протести/ Фото: EPA-EFE/ANP

Во Холандија четврта вечер по ред се протестира против мерките за карантин, додека излозите на некои продавници беа забарикадирани, а нивните вработени испратени дома порано од безбедносни причини.

Властите ги повикаа родителите на тинејџерите да не ги пуштаат да излегуваат, предупредувајќи дека може да завршат со кривично досие и да добијат огромни казни за уништување автомобили, продавници и јавен имот.

Полицијата беше повикана за сузбивање на немирите во повеќе од десет градови.

– Сме имале протести во минатото, но ретко се случувало да се одржуваат неколку ноќи по ред во градовите низ целата земја, рече портпаролката на националната полиција.

Фото: EPA-EFE/MARCO DE SWART

Таа објасни дека тие не се одржуваат само во области за кои се знае дека се проблематични, туку дека се многу пораспространети.

Холандската полиција синоќа уапси повеќе од 180 лица кога групи демонстранти започнаа да палат оган, фрлаат камења и ограбуваат продавници во неколку градови. Досега се уапсени повеќе од 470 лица, а полицијата користела водени топови во повеќе градови.

Болницата во Ротердам ги предупреди роднините и пријателите на пациентите да не доаѓаат откако претходните денови демонстрантите ги нападнаа болниците во повеќе градови.

Десетмина полицајци се повредени синоќа во Ротердам.

Фото: EPA-EFE/MARCO DE SWART

Во Холандија во саботата стапи на сила полициски час, првпат по Втората светска војна, и покрај фактот дека бројот на новозаразени се намалува, откако Националниот институт за здравство соопшти дека новиот вид откриен во Велика Британија претставува третина од новите случаи.

Училиштата и продавниците кои не продаваат основни намирници беа затворени во средината на декември, а кафулињата и рестораните два месеца пред тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот