ФОТО | На 32 години: Почина најстариот хумболтов пингвин на светот

Хумболтовиот пингвин Роузи, за која се верува дека е најстариот пингвин од својот вид во светот, почина на возраст од 32 години. Таа беше жителка на Зоолошката градина во Јоркшир, Северна Англија, уште од 1990 година, кога билa купена од парк за птици во Сари, објави „Би-би-си“.
Хумболтовите пингвини се нелетачки птици со потекло од Јужна Америка, со најголемо живеалиште во крајбрежното Перу. Тие вообичаено живеат околу 20 години и се класифицирани како ранливи животински видови, на пат да бидат загрозени доколку не се подобрат условите кои му попречуваат на нивниот опстанок и размножување.
Вработените во Зоолошката градина соопштија дека Роузи, која за неколку недели требала да наполни 33 години, починала во петокот.
View this post on Instagram
„Сите сме скршени поради смртта на Роузи. Јас се грижев за неа уште кога имаше само четири месеци и ние поминавме 32 години заедно“, изјави Џон Пикеринг, вработен во Зоолошката градина.
Тој додаде дека Роузи има „специјално место во срцата на вработените и посетителите на Зоолошката градина“.
Во последните неколку години, Роузи беше вистинска ѕвезда во градината, но и на социјалните медиуми ширум светот. Прославата на нејзиниот 30. роденден се најде како прилог на повеќе светски телевизии, а „старата дама“, како што ја нарекуваа сите, беше дел и од повеќе списанија и телевизиски емисии во Велика Британија.