ФОТО: Му избега триумфот на Вардар, Порто се спаси во последните секунди!

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Вардар 1916 вечерва во својот трет натпревар сезонава во Лигата на шампионите пред празните трибини поради коронавирусот во СЦ „Јане Сандански“ ремизираше во една тешка борба против Порто со 25:25.

Рамноправна борба во првите пет минути од мечот, со одржување на минимална позитива на Вардарци. Уште од самиот почеток македонскиот чувар на мрежата, но на спротивната страна за португалската екипа Митревски со првите неколку одбрани покажа зошто беше најзаслужен за триумфот во минатото коло за својот клуб против Пик Сегед.

Но, не можеше да го одбрани ударот на неговиот репрезентативен колега Талески кој стрелаше од бековската позиција за 4:2 на семафорот. Покрај Митревски, и Ристовски покажуваше од своите квалитети, но после одбиена топка не го запре ударот на кубанскиот пикер Итуриза, за нов егал 4:4.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Дибиров не реализираше пенал во 12 минута, казни противникот преку Ареја токму од седум метри за прва позитива на противниците на овој меч (4:5).

Проблем беше што Калараш за неполни 15 минути веќе имаше две исклучувања, започнаа и грешките во нападот на домаќините, Вујин прво имаше нереализиран удар, па ја загуби топката, брзите Португалци знаеја тоа да го казнат и беше принуден Алушовски да побара тајм-аут. И натаму траеше серијата на Порто, Магалхаеш се погрижи и за 4:8, Вардар целосно конфузен, на крајот конечно десниот бек Вујин со првиот гол да намали.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Како што и се најавуваше противниците играа „7 на 6“ со празен гол, но тоа не одеше најдобро, па Вардар го искористи тоа за намалување и дојде до шанса и да израмни, но ударот на Талески го одбрани Митревски во 22 минута. Јотиќ можеше да израмни на 12:12, но Митревски уште еднаш покажа фантастични перформанси и веќе собра осум интервенции.

Но, Ристовски и не се предаваше во голманската битка на одбрани, но и реализираше три голови во празната мрежа на Порто што придонесе за комплетен пресврт пред паузата, Дибиров во контра постигна гол за 13:12.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Борбата на двете страни продолжи и во вториот дел, Вујин беше стрелец и на неговиот четврти гол во 39 минута за 17:15.

Ристовски не само што до 40 минута имаше 13 одбрани, до тие моменти беше и прв стрелец со четири голови (заедно со Вујин), но и Митревски и натаму со своите одбрани (10) ги одржуваше шансите на гостинот.

Им се придружи и Чупиќ кој беше прецизен од пенал за 19:18, но возврати веднаш Ареја на истиот начин за израмнување.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

На 10 минути до крајот на средбата беше израмнето 21:21, Гомеш успеа да донесе нова минимална предност на Португалците, Талески имаше погрешно додавање, казни во контра Итуриза за нови проблеми. Нервозата веќе владееше во Вардар 1961 кој беше свесен дека мора да се врати во игра, Чупиќ намали на 22:23 во 53 минута. Се влезе во неизвесна завршница, на нешто помалку од две минути игра до крајот, Дибиров после една бркотница израмни на 24:24, Порто имаше напад, но ударот на Магалхаеш го одбрани Ристовски.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во последната минута Вардар 1961 имаше шанса да поведе, тоа ги го направи Чупиќ во соло акција како десен бек за 25:24. Веќе беше јасно дека нашиот претставник нема да претрпе пораз, па остануваше да го одбрани само последниот налет на гостите. На крајот сепак противниците исто така го избегнаа поразот, среќно Ареја го пронајде патот до мрежата на Ристовски во последните секунди за поставување на конечниот епилог (25:25).

Наредниот дуел „црвено-црните“ ќе го имаат во Франција на 29 октомври 2020 година (18.45 часот) против составот на ПСЖ.

Лига на шампиони

Вардар 1961-Порто 25:25 (13:12)

Вардар 1961: Ристовски (17 одб.) 4, Кантегрел, Кизиќ, Вујин 5, Чупиќ 7, Дибиров 3, Стоилов 2, Георгиевски, Калараш, Валчак, Талески 1, Гаџа 1, Јотиќ 2, Димитриоски, Векиќ, Мишевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот