ФОТО | Министерката Шекеринска го отвори меморијалниот турнир во мал фудбал во чест на загинатите бранители

Фото: Министерство за одбрана

Утринава во спортскиот центар „Борис Трајковски“ беше отворен Централниот меморијален турнир во мал фудбал во чест на загинатите бранители, на кој се обратија министрите за одбрана и на внатрешни работи Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски.

– Меморијалниот турнир е нашиот начин секоја година активно да го одбележиме споменот на загинатите бранители, да упатиме благодарност до нив и да изразиме сочувство до семејствата на секој припадник на вооружените сили кој го положил својот живот на својата служба, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска која го отвори овогодинешниот турнир.

Шекеринска истакна дека мотивираност и посветеноста на претставниците на Здружението на бранители – Херои на Македонија, да го организираат овој турнир во мал фудбал, најдобро ја покажува почитта за храброста на нашите бранители, вашите синови, сопрузи, татковци, на нашите херои.

Фото: Министерство за одбрана

Таа додаде дека припадниците на Армијата, Полицијата, сите безбедносни служби, заедно со пожарникарите, медицинскиот персонал и сите останати кои што се дел од ваквиот систем се луѓето кои секогаш се подготвени да им служат на своите граѓани и на својата држава.

– Наша должност е да дадеме максимум и да создадеме услови подобро да ја вршат својата работа. Наша должност и обврска е да создаваме и нови можности за просперитет, за развој, и нивен напредок. Наша должност и обврска е тој максимум да го даваме секојдневно, пред нив и во име на иднината на нашите деца, рече Шекеринска.

Министерот Спасовски во своето обраќање истакна: „Една од вредностите што нѐ зближува, нѐ облагородува морално и човечки – е традицијата, во којашто, меѓу другото, е вткаена колективната меморија за она што е доблесно, значајно, што ни е блиско и бесмртно. Во тој контекст и оваа Меморијална спортска манифестација ја има истата возвишена цел – собирајќи нѐ заедно, постојано да нѐ потсетува на сите наши драги колеги и пријатели, на нивните ликови и возвишени дела во името на слободата на нашата држава и нејзините граѓани.”

Фото: Министерство за одбрана

Спасовски додаде дека со длабока почит кон сите наши загинати припадници на безбедносните институции, но и кон нивните најблиски, чијашто загуба е ненадоместлива, испраќаме силна и важна порака: „Никогаш не смееме да заборавиме што им должиме на хероите, дека имаме јасна обврска постојано да целиме кон подоброто, кон човечното, искористувајќи ги најдобро можностите што ни се дадени, бездруго и благодарение на нашите бранители.“

На денешниот настан се обратија и претседателот на Здружението „Херои на Македонија“, Владо Стојановски и генералниот секретар на Македонскиот полициски синдикат, Киро Трајковски.

– Тие како припадниците на безбедносните сили застанаа во одбрана на својата татковина бранејќи ги суверенитетот и интегритетот, несебично ги дадоа своите животи да живееме во слобода и мир. Нашите херои со своите дела, секогаш ќе останат запаметени и вечно ќе живеат во колективната свест на македонскиот народ. ако од вечноста можеме да проговориме ќе ви кажеме дека хероите не умираат, нивната загуба се чувствува, не само кај семејствата туку и кај безбедносните сили, рече Претседателот на здружението, Владо Стојановски во своето обраќање.

Генералниот секретар на Македонскиот полициски синдикат, Киро Трајковски во името на членовите на полицискиот синдикат изрази благодарност кон херојското дело на загинатите колеги, која е премала во споредба со нивната саможртва која е втемелена во иднината на нашата татковина. Тој додаде секогаш согласно можностите се тука за да излезат пресрет на фамилиите на бранителите.

Видео на денот