ФОТО+ВИДЕО: Матни игри со песокта од Пчиња

Пладне е на селскиот плоштад во Средно Коњари. Стотина мажи, собрани во неколку групи ги чекаат инспекторите од Инспекторатот за животна средина и Државниот инспекторат за техничка инспекција кои ја чешлаат документацијата на концесионерот за експлоатација на песок од коритото на реката Пчиња во канцелариите во соседното Долно Коњари.

коњари песок 1
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Не ги кријат надежите дека оваа инспекциска посета, иницирана од Инспекторатот за животна средина ќе донесе некаков пресврт во безнадежната ситуација во која се наоѓаат. Велат, ова е првпат некоја државна институција да ги сослуша и да превземе конкретни чекори за да се утврди вистината – што се случува со брегот на Пчиња и кој е виновен што неколку илјади жители на овој питом предел на само триесетина километри од Скопје немаат спокој, немаат вода во бунарите и постојано стравуваат за својата егзистенција.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Багерите сѐ поблиску, водата сѐ подлабоко

Нашите бунари веќе подолго време немаат вода, сите моравме да ископаме по десетина метри подлабоко за да ја најдеме, а во некои куќи бунарите сосем пресушија, ни се пожалија дел од насобраните жители на Средно Коњари. Тоа има директна врска со вадењето песок кое последниве две години се случува премногу блиску до нашето село. Тие објаснуваат дека со длабењето на речното корито, реката се спушта се подолу и подолу, повлекувајќи ги и подземните води подлабоко. Тоа ја прави почвата посува и понеплодна, го менува изгледот на околината, а со тоа го загрозува и земјоделското производство и сточарството. Од друга страна, водата од селскиот водовод не е за пиење со години, па тие вода за пиење носат од соседни села.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Овој крај, во кој живеат во слога и меѓусебна почит Македонци, Албанци и Бошњаци, порано бил прочуен по производство на тутун и раноградинарски производи, имавме стока, имавме река и плодна почва, тука беше и расадникот на ЗИК Скопско Поле, најголем во државата – вели Сенад Цамиќ од Средно Коњаре, од Месната Заедница.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

За несреќа, селските куќи буквално се граничат со Пчиња, чиишто песочни наноси, формирани со илјадници години, се сметаат за висококвалитетен материјал, неопходен во градежништвото. И, исклучително скапа компонента на бетонот, бидејќи  еден кубик  од „двојката“, песок со ситна гранулација, на пазарот чини најмалку 10 евра. А, наоколу лежат милиони и милиони кубици, во самото корито или покриени со слој плодна алувијална почва, на која „се раѓа сѐ“.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Близината на реката, од благослов, велат, се претворила во проклетство. Прво, пред дваесетина години, со образложение дека црпењето песок е неопходно за уредување на речното корито, како заштита од поплави, песок црпеше ЈП Водостопанство, за подоцна бизнисот да му го даде под концесија на приватник.

Последниве десетина години, со интензивирањето на црпењето  песок сосем е нарушена топографијата на регионот – багерите го поместуваат речното корито, копаат „џебови“ односно длабоки јами до самиот речен брег во кои пуштаат реката да насипува најситен песок кој потоа со градежни машини се товари на огромни камиони и се носи на сепарација, се разјадуваат цели ридови, се доближуваат до првите гробови на селските гробишта…

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Се работи деноноќно и, буквално пред очи на мештаните, багерите „голтаат“ кубици земја под која лежи песокот, полека доближувајќи се до куќите во Средно Коњаре. Земјиштето кое се раскопува е државно, но тоа очигледно никого не го загрижува. Битно, концесионерот ги има сите со закон предвидени дозволи иако на терен штетите се огромни, дури непроценливи, и за луѓето и за живиот свет на реката.

Се обидовме сè – блокиравме регионални патишта, ја блокиравме општина Петровец, собиравме потписи, илјадници потписи од осум села од нашиот крај доставивме до сите надлежни институции, бевме кај сите надлежни министри и кај премиерот Зоран Заев, кој за време на изборите беше тука кај нас и вети клуч за концесионерот, ама-попусто…Концесионерот ги има сите потребни дозволи ама прашуваме како смееле да му ги дадат, а никој нас ништо да не не праша? Што е следно, каде да ја бараме правдата – прашуваат селаните.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Од уништениот пејсаж се роди „Коњарско Езеро“

– Ова езеро што го гледате го нема на ниедна географска карта, ни велат мештаните кои не придружуваа до оближното ритче од кое се пружаше добар поглед на долината на Пчиња и на огромната водена површина што наликува на вештачка акумулација. Големината на дивосоздаденото езеро напросто вџашува, посебно ако се спореди со сателитските снимки, достапни на „Гугл Ерт“, каде можат да се забележат два помали „џеба“ исполнети со вода.

Ова е создадено за само осум години, од 2012 наваму, велат мештаните.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Надојдените води на реката ја пополнија огромната дупка создадена од копањето песок и сега водите се доближија до самите куќи. Долу на брегот еден багер полни камион, кој потоа заминува и на негово место веднаш доаѓа друг. Се доближуваме до брегот на езерото каде што се црпи песокот и во пресрет ни доаѓа обезбедувањето со куче, а возачот на камионот налутено не прашува што правиме на туѓ имот. „Чиј е имотов“, прашуваме, коментирајќи дека не е ограден, па сметавме дека движењето е слободно. „Мој“, арогантно одговара возачот, зарем не ја гледате таблата: „Забранет пристап“? И како смеете да сликате, ни се обраќа заканувачки. „Еве, да знаете, и јас ве сликав вас и вашето возило, па ќе видиме“, се заканува.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Сепак, откако го одоброволивме со пријателски муабет, признава дека е само еден од дваесетината вработени на „Прогрес Компани“, фирмата која ја има концесијата за експлоатација на речен песок, чиј сопственик и управител се браќата Ќазим и Ријад Османовиќ, од соседното Долно Коњари. Браќата имаат уште една фирма ќерка која исто така работи на копањето песок- Еуро Прогрес. „Имам пет деца и од нешто мора да се живее“, рече тој, ни посака среќен пат и замина.

Солидарно во одбрана на реката

Жителите, пак, на Горно Коњари, на километар – два подалеку, не без гордост ни го покажаа брдото насипан песок и чакал на она што некогаш беше селски фудбалски стадион. Планината од речен песок останала зад концесионерската фирма на Османовиќи кога тие буквално ги избркале од селото и со тоа ги спречиле со себе да си го земат песочното „злато“. Таму сега лежат милиони евра речно богатство, а горнокоњарци за секој случај стражарат за да не дојдат непоканети да чепнат од него.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Ни исекоа илјада кубици столетна шума покрај реката за да го извадат овој песок, наместо да го регулираат речното корито како заштита од поплави, ги разурнаа насипите кои самите селани ги правеа, а на крајот ни го оштетија и мостот преку Пчиња што самите го изградивме, со своите камиони – велат тие. Кога горнокоњарци ја почнале својата блокада, пред околу една година, комшиите од Средно Коњаре, солидарно им го попречиле патот на камионите да не можат да му пријдат на овој песок. Сега двете села заедно бијат битка за спас на својата земја.

Инспекторите ги видоа незаконитостите

При претходната посета на местото, пред еден месец, инспекторите за животна средина можеа да се уверат во повеќе проблематични елементи поврзани со ископот на песок кај Средно Коњари: интервенциите во речното корито и уништувањето на крајбрежната вегетација, копањето надвор од концесискиот простор и незаконски блиску до самото речно корито, копањето под нивото на подземните води со што се заканува потенцијално загадување на водите, а концесиски простор  не е ограден и не може да се утврди дали се копа според дозволата или надвор од неа.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Овојпат, инспекторите си ја завршија својата работа и тивко си заминаа, оставајќи ги мештаните без одговори. Директорката Петровска само кусо соопшти дека детално ќе се проучи сета документација и доколку се утврдат неправилности, соодветно ќе се постапи. Зад нив останаа разочараните коњарци, да се прашуваат- дали некој ќе ги заштити ако и оваа надеж им пропадне?

Со песокот од Пчиња се „исцрпува“ и животот во Горно Коњари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот