ФОТО: Македонец од Сиднеј прокоцкал 100 милиони долари – полициската истрага водеше до криминална банда одговорна за внесување на 3 тони кокаин во Нов Јужен Велс

Австралијанецот со македонско потекло, Менде Рајкоски се коцкал на покер апаратите во казиното „Стар“ во Сиднеј со огромна сума на пари кога им западнал во око на истражните органи. За една недела испрал преку покер апарати над 100 милиони долари, а 18 месеци подоцна полицијата му стави лисици на рацете, објави телевизијата 9Њуз.

Следењето на Менде од почетокот на 2020 година и неговата пасија за коцкање на милионски суми ја поттикна полицијата во државата Нов Јужен Велс да истражи од каде потекнуваат овие пари и случајот водеше кон апсење на тројца мажи од Сиднеј кои се обвинети за криминален заговор за набавка на три тони кокаин, што е количество кое на годишно ниво цирукулира низ улиците на целата оваа држава, соопшти заменикот командантот на полицијата во Нов Јужен Велс, Стјуард Смит.

-Фармерите во Колумбија за оваа дрога добиваат два долари дневно. Картелите заработуваат 3,80 долари за грам, а кога ќе дојде до рацете на овој криминален синдикат кој ќе го дистрибуира низ улиците на Сиднеј, цената ќе достигне 400 долари за грам, рече Смит.

Во текот на истрагата, детективите открија важен транснационален синдикат за организиран криминал, кој транспортирал дрога низ Австралија која пристигнувала преку канали од Северна и Јужна Америка.

Во акцијата, на полицијата во Нов Јужен Велс и помогна и американската ДЕА (Управа за борба со наркотици). Како што јави тамошната полицијата, морнарицата на САД запленила 870 килограми кокаин во октомври минатата година откако пресретнала брод кој патувал во Тихиот океан покрај брегот на Колумбија.

Разузнавачките информации воделе кон нова заплена на уште 900 килограми кокаин, во април годинава кога американските служби пресретнале втор брод кој патувал покрај брегот на Еквадор.

Фото: NSW Police Force

И двете големи заплени биле дел од заговор за снабдување на вкупно 3.000 кг кокаин – вклучувајќи ги и запленетите 1770 кг – што има вкупна проценета потенцијална улична вредност од 900 милиони долари, соопшти полицијата од Нов Јужен Велс.

Последното количество запленето во април е препакувано со лажна амбалажа и оставено да пристигне до својата крајна дестинација – складиште во областа кај езерото Маквари, на околу 150 километри од Сиднеј.

Токму во четвртокот, рано утрото 42-годишниот битолчанец Рајкоски е уапсен од специјалните единици кога го отворил складот за да ја земе дрогата.

Фото: NSW Police Force

Полицијата од Нов Јужен Велс уапси и маж на возраст од 37 години на паркинг во близина на складот.

42-годишниот Менде Рајкоски од Мортдејл е обвинет по две точки за заговор за снабдување со забранета дрога, снабдување со големо количество дрога за комерцијална употреба како и учество во криминална група заради криминална активност.

37-годишниот маж од Рокдејл е обвинет исто така за големо комерцијално снабдување со дрога. И на двајцата локалниот суд во петокот им ја одби кауцијата и со тоа можноста да се бранат од слобода. Николао Миса бил директор на агенција за обезбедување Шилд Венју Сикјурити.

Апсењето на Никола Миса/ Фото: NSW Police Force

Набргу по апсењата, Одредот за организиран криминал реализираше пет налози за претрес во домови во Мортдејл, Падингтон, Парк Регенс, Рокдејл и Сан Соучи.

За време на претресите, истражителите лоцирале и заплениле готовина, електронски уреди, документација и бројни мобилни телефони, вклучително и разни шифрирани уреди.

Трет маж – на возраст од 58 години е уапсен на имотот на Санс Сучи и однесен во полициска станица и е обвинет по истите точки како и Рајковски, по што му е одбиена кауцијата, се вели во соопштението на полицијата во Нов Јужен Велс, која ја продолжува истрагата.

Ѓелош Николај веќе бил осуден за кривично дело со наркотици/ Фото: NSW Police Force

Двајца од тројцата уапсени работеле на Аеродромот во Сиднеј, додека третиот Ѓелош Николај во декември минатата година бил пуштен условно на слобода, откако бил во затвор од 2006 година заради дрога, осуден на 16-годишна казна.

 

 

Видео на денот