ФОТО | Магнетна резонанца покажа што мигрената му прави на мозокот

Profimedia
Фото: Профимедиа

Многу аспекти на мигрената остануваат медицинска мистерија, но научниците сега направија чекор напред во разбирањето на таа состојба. Со магнетна резонанца на пациентот, тие можат да ги видат ефектите што мигрените ги имаат врз мозокот.

Резултатите, кои ќе бидат претставени следната недела на годишниот состанок на Радиолошкото друштво на Северна Америка, се добиени со сликање на 10 учесници со хронични мигрени, 10 со епизодни мигрени без аура и пет лица кои биле дел од контролната група. Учесниците биле на возраст од 25 до 60 години.

Фото: Принтскрин/Radiological Society of North America

Кога ги анализирале резултатите од магнетната резонанца, истражувачите забележале дека оние со хронични или епизодни мигрени имале значително зголемени периваскуларни простори, кои се наоѓаат околу крвните садови и помагаат во чистењето на течноста од мозокот, во споредба со оние кои не страдаат од мигрена.

Вилсон Ксу, докторант на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Јужна Калифорнија и коавтор на студијата, вели дека „кај луѓето со хронична мигрена и епизодна мигрена без аура, постојат значителни промени во периваскуларните простори на регијата на мозокот кој се вика центар семиовал“.

„Овие промени никогаш претходно не биле пријавени. Не сме сигурни во точниот однос на мигрените и периваскуларните простори, но тоа би можело да вклучува проток на крвта во мозокот. Мислиме дека кога се случува мигрената, тоа може да ги предизвика овие промени, а тие, пак, може да доведат до некои од симптомите што ги доживуваме кога имаме мигрена“, изјавил тој за „УСА тудеј“.

Фото: Принтскрин/Radiological Society of North America

Мигрената е една од најтешките состојби со кои се соочуваат луѓето ширум светот. Вообичаени симптоми на мигрена вклучуваат силна болка, гадење, замор и когнитивна дисфункција.

Студијата објавена во април заклучи дека најмалку 15 отсто од светското население или 1,1 милијарда луѓе, имаат главоболка секој ден. Од тие поединци, половина имаат мигрена. И покрај тоа колку луѓе страдаат од мигрена, не постои позната причина, како ниту лек. Експертите ги идентификуваа потенцијалните предизвикувачи на мигрена и веруваат дека станува збор за генетско заболување, а превентивните чекори во моментов се најдобриот начин на дејствување.

Видео на денот