ФОТО | Кои македонски познати личности „рипнаа во тавче“ во 2022 година

Коронавирусот ги одложи нивните свадбени планови, но не и нивната љубов. Нашите познати личности кои оваа година „стапнаа на лудиот камен“ ја споделија радоста со своите најсакани креирајќи незаборавни моменти кои ќе останат вечно во нивните сеќавања како најубав спомен. Големи подготовки, прекрасни невестински фустани, многу гости, но и многу стрес, па дури и витамински инфузии на денот на прославата. Сепак, по првиот свадбен танц се заборава на сѐ!
Кои наши познати личности и нивни членови од семејствата стапнаа на лудиот камен…
По една деценија љубов и заеднички живот, актерот Драган Спасов Дац и неговата партнерка Весна Терзиевска оваа година стапија во брак – точно на денот на роденденот на актерот – 20 април. По тој повод Дац организирал роденденска забава во еден скопски локал. За среќата да биде двојна, неговата сакана Весна му приредила несекојдневно изненадување. Имено, таа организирала тајна венчавка – купила бурми, нарачала бидермаер и повикала матичар. На голема радост на најблиските кои биле присутни во локалот, Дац и Весна го кажале судбоносното „да“ и ја крунисале својата долгогодишна љубов.

Еден месец по свадбената прослава на Дац, на лудиок камен стапна и неговиот син актерот Јаков Спасов. Јаков и неговата избраничка Софија подготвија незаборавна свадбена прослава во познат скопски ресторан каде и ја озакоија својата љубов пред саканите.

Младиот брачен пар со својот моден избор покажа доза на уникатност, особено невестата. Убавата Софија за својот свадбен ден се одлучила за кратки панталони од светкав материјал и топ во црно бело боја. Изгледот го заокружила со елегантни високи потпетици (кои подоцна ги заменила со бели патики) и лелеава бела полунаметка со тул. Младоженецот Јаков беше облечен во елегантен костум со интересен дезен. А покрај младите и нивните семејства беа прекрано стилизирани.

Во месец август на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, нашата позната пејачка Викторија Лоба и нејзиниот долгогодишен партнер, бизнисменот Ѓорѓи Калешов оваа година се заколнаа на вечна љубов во црквата „Св. Јован Канео“. Во април 2019 година, Викторија ја прифати понудата за брак од нејзиниот партнер, а на раката на пејачката заблеска голем дијамантски прстен.

Само еден месец по црковната венчавка, Викторија и Ѓорѓи организираа голема свадбена прослава на која ги собраа пријателите, роднините како и бројни колеги и соработници.

Татјана Луговаја, мајката на пејачката Викторија Лоба го кажа судбоносното „да“ во Охрид, во црквата Света Софија, само еден месец пред својата ќерка.

На прославата присуствуваа најблиските пријатели и семејството, а невестата носеше бела венчаница и бел долг вел. Прекрасно стилизирани се и девериците кои носат нежно сини фустани, меѓу кои и ќерката Викторија, која облече креација на младата дизајнерка Моника Коцарева од Охрид.

Волинистката Оле Здравковска на почетокот на месец септември заедно со својот сакан организираа бајковита свадбена прослава и ја озаконија својата долгогодишна љубов. Традиционално, за најважниот ден од нејзиниот живот таа се одлучи за елегантна венчаница со чипка и рачно изработени детали. Косата ѝ беше стилизран во пунџа, имаше и прекрасна шминка, а целиот бајковит изглед го надополнила со нежно венче од монистра и вел.

Познати музички имиња, весели гости и традиционална македонска музика ја одбележаа свадбата на Оле и нејзиниот избраник Богдан Шундиќ. Оле на крај на вечерта ги почести своите гости со соло изведба на виолина додека нејзиниот брат ја придружаше со неговиот моќен глас. Оле и Огнен се внуци на виртуозот на виолина, покојниот Зоран Џорлев.

Познатиот музичар Горан Папазоски-Папаз оваа година ја побара раката на својата сакана Наташа Атанасовска, која по професија е адвокат, а набрзо ја озакони љубовта. Стапувањето во брак, парот го прослави во кругот на најблиското семејство и пријателите.

Папаз е еден од нашите најценети саксофонисти, а на публиката ѝ е познат како поранешен член на групата „Суперхикс“, во која свиреше од 2009 до 2013 година. Музичарот сподели прекрасни моменти од свадбената прослава, а притоа не ја криеше среќата која ја сподели со своите следбеници. За добрата забава беше задолжен нашиот познат пејач Ефто Пупиноски.

Елена Стефановска, сега веќе Елена Најдовски на почетокот на месец јули ја имаше својата свадбена прослава од соништата. Иако поради временските неприлики локацијата на свадбената прослава била променета во последен момент сепак тоа не ја спречило водителката максимално да ужива во својот најсреќен ден. Стефановска ја започна годината со понуда за брак. Таа и нејзиниот партнер Бојан Најдоски за новогодишните празници отпатуваа во Москва и токму таму Елена го кажа судбоносното „да“.

Елена и Бојан минатиот месец официјално стапија во брак и направија свадбена прослава во еден познат скопски хотел, за која уште долго ќе се зборува. На забавата присуствуваа најблиските пријатели, роднини и соработници на парот. Водителката во текот на прославата облече два раскошни фустани.

Традиционално, за најважниот ден од нејзиниот живот таа носеше бела светкава венчаница со корсет и прерамки. Косата ѝ беше фатена во опавче, имаше и прекрасна шминка, а целиот бајковит изглед го надополни со круна и „стаклени чевли“ од модната марка „Џими Чу“. При крајот на прославата водителката и инфлуенсерка раскошната венчаница ја заменила со краток бел фустан со мрежасти елементи и пердуви.

Зорица Блажева која во јавноста е позната под своето уметничко име Зои Блаж во јули заедно со својот сакан организираа свадбена прослава и ја озаконија својата долгогодишна љубов. Зои пред две години ја прифати понудата за брак од нејзиниот веќе официјален сопруг Тадеј Матијашиќ, кој љубителите на спортот го знаат и како поранешен ракоментар на ракометниот клуб „Металург“.

Зои преку социјалните мрежи сподели прекрасни моменти од свадбената прослава. Невестата не ја криеше својата возбуда, но по првиот танц младата инфлуенсерка заборави на тремата и се препушти на забавата. Многу музика, весели гости и добра забава. Зои и Тадеј се погрижиле за сите детали за нивните семејства и гости да уживаат максинално на нивниот најсреќен ден.

Зорица заблеска во две венчаници и тоа една во „сирена“ крој кој ја следеше нејзината совршена силуета и една кратка елегантна венчаница која беше совршена за танцување. Високите потпетици подоцна Зои ги замени со удобни бели патики и продолжи да танцува со својот сопруг и гостите.

Неколку дена по свадбената прослава Зои откри дека покрај солзите радосници кои ги не ги криеше од своите следбеници имало моменти кога морала да побара лекарска помош бидејќи била исцрпена од подготовките.
Инфузија за невестата, многу танцување, совршен фустан, свадба во американски стил, „шот“ за добредојде, но и „пакет“ против мамурлак. Накратко ја опишавме свадбената прослава на фитнес инструкторката Ана Стојанова и нејзиниот избраник Кирил Јовчевски.

Подготовките околу свадбената прослава може да бидат исцрпувачки, а тоа го откри и првата фотографија на Ана која ја сподели со своите следбеници. Една од најзгодните фитнес инструкторки подготовките за својот најсреќен ден ги започна до доза инфузија. Подготовките, возбудата и секако адреналинот си го направиле своето, но една витаминска инфузија била доволна за Ана да си ја врати силата и да почне да се подготвува.

Во прекрасниот Охрид, опружени со своите семејства и пријателите Ана и Кирил подготвија свадбена прослава за паметење. Сите гости биле пречекани со алкохолен пијалок, популарно наречен „шот“, а притоа за секој гостин парот подготвил оригинален пакет против мамурлак.

Невестинскиот фустан на Ана ја следеше нејзината фит линија, а високиот шлиц беше „неопходен“ при изведбата на првиот свадбен танц на парот. Чевлите од модната марка „Џими Чу“ совршено се вклопија во целокупниот изглед, но високите потпетици набрзо беа заменети со удобни бели спортски патики и светкаво боди совршено за танцување. Заедно со својата „армија“ и присутните гости, Ана танцуваше во нејзин стил на својот најсреќен ден.

Најекстравагантната учесничка на последната сезона на српското шоу „Ѕвездите на Гранд“, битолчанката Марија Груевска неодамна го изговори судбоносното „да“ на својот долгогодишен избраник, фитнес-тренерот Синиша Стојаноски.

Марија и Синиша ја славеле својата љубов цели три дена. На свадбената прослава присуствувале околу 600 гости, а притоа се испочитувале и дел од традиционалните свадбени обичаи.

Марија за својот најсреќен ден заблеска во венчаница во која за момент не потсети на дизниевата принцеза – Ариел. Корсетот на венчаницата беше креиран во форма на школки со многу карактеристичен дезен збогатен со бисерни монистри. Класичниот бидермаер кој вообичаено е креиран од свежо цвеќе пејачката го замени со уникатен бидермаер креиран од кристали, школки и морски ѕвезди.

Пејачката и претседателка на здружението „Борка“, Биба Додева неодамна „стапна на лудиот камен“, овојпат со нејзиниот партнер Срѓан Шрепфлер. Парот ја озакони својата љубов со мала интимна церемонија во еден познат скопски локал покрај своите најблиски пријатели и семејствата.

За најсреќниот ден Биба и нејзиниот избраник беа облечени во црно, а пејачката имаше прекрасен шарен бидермаер. Свадбената прослава се оддржа ден по 47- миот роденден на пејачката.