ФОТО | Како Мартин Буцо Атанасовски ги „стопи“ 150-те килограми – Неверојатна животна приказна за волјата на еден човек

Арно се вели, прашајте паталец, а не гаталец. „И некој да има 200 килограми може да се среди на природен начин само со желба и истрајност, без интервенции и операции, им порачува паталецот Мартин Буцо Атанасовски на сите другари по тежина. И има право да соли памет зашто Буцо „скинал“ 52 килограми за 14 месеци.

Личната трансфорамција, од страна, можеби делува како еден нормален, не толку тежок процес, барем не потежок од тежината која ја носат оние кои се одлучиле на таков чекор. Најчесто, жените се оние кои преку личен пример даваат мотивација на останатите, но денеска за вас тоа ќе го стори еден дечко – 25 годишниот Мартин Атанасовски, познат како Буцо-Бит Бокс. Тој е „новогодишно“ дете, роден на 1ви јануари.

Фото: Приватна архива

Пред десеттина години се „запознава“ со битбоксот и сè уште се верни другари. Но, во последно време, како што самиот раскажува:

– Љубов ми е вежбањето, физичката активност и сè што ми помага околу мојот процес и нов начин на живот. Голема посветеност вложив и во теретаната и на Водно и нема да ја откажам таа љубов никогаш.

Вели дека фатил од она убаво детство кое го имале и малку постарите генерации, кога по цели денови не се прибирале дома, а се враќале да „каснат“ нешто набрзинка, со страв дека нема да им биде дозволено повторно да излезат, и додава:

– Паметам дека не се прибиравме дома буквално по цел ден, игравме џамлии, тоа е веќе изумрено кај новите генерации за жал, игравме граница, жмурки, фудбал и што уште не . Навистина имавме безгрижно детство во убаво и мирно маало, Аеродром и Ново Лисиче.

Но, убавото и безгрижно детство, од денешен аспект, сепак имало не така пријатни моменти.

Фото: Приватна архива

– Јас уште од прво одделение бев доста покрупен од сите мои соученици и другарчиња, но мислев дека ќе се смени на подобро со текот на времето и дека можеби ми е само период. За жал, несвесно се поправав сè повеќе и во 5то одделение веќе имав троцифрена бројка на килограми. Сепак, не се грижев за себе, во тој период не мислев дека тоа е страшно, дека толку ќе ми пречи понатаму, дека е опасно по здравјето, иако ми го кажуваа тоа сите околу мене. Буквално ми беше сеедно каков ќе бидам и до каде ќе стигнам, јадев многу штетна храна и немав никаква физичка активност. Ќе седнев да играм на компјутер цел ден и до мене секогаш имаше чипс, смоки, сок, благо, а тоа е тотално убиство, особено во тој период, раскажува Мартин како се случло да стане „Буцо“.

Неговата прекумерна тежина, привлекувала чудни погледи и коментари од луѓето кои ќе го забележеле и објаснува:

– Нормално е во нашево општество да си подлежен на тоа, не знам зошто тука те гледаат како да не си од оваа планета, како да не си како сите ако имаш прекумерна тежина. Не дека мене ми пречело тоа, реално јас не сум обрнувал внимание, но сигурен сум дека на многу други луѓе кои го имаат истиот проблем би им претставувало проблем, психички би ги загрозиле, би им создале комплески од кои тешко ќе можат да се ослободат. За жал, такви сме како народ, не сите, ама 85 отсто сигурно ме имаат нарекувано секако, кој од шега, кој сериозно. За среќа, не сум ги земал при срце и фала богу, зборовите од едно уво влегувале, од друго излегувале. Знаело некогаш да ме повреди, да направи да се чувствувам понижено и непријатно во некоја ситуација, но тоа било многу ретко .

Досега Буцо имал околу шест обиди да стави крај на стариот начин на живот и нездравата исхрана, но не му одело и најчесто, тоа траело најмногу 2-3 месеци, а потоа пак „по старо“. Сепак, постојано си велел сам на себе дека еднаш ќе се обиде, нема да се откаже и ќе успее.

– Тој момент се случи пред 14 месеци, кога пресеков и реков дека е доволно, дека е навистина готово со мојот стар начин на живот и таа лоша исхрана! Знаев дека еднаш ќе мора да успее кога се трудиш и се обидуваш – еднаш ќе запали моторот и нема назад. Mногу сум среќен поради таа моја одлука и дефинитивно ми е многу поубаво во секој поглед. Не се опишува, тоа само може да се доживее, вели Мартин.

Раскажува дека за последниот обид за слабеење, на некој начин самиот си се натерал, си рекол дека сака, мора и може, и продолжува:

– Не ми беше веќе убаво после толку години да се гледам истиот во огледало искрено, не ми беше убаво кога се движам, не ми беше удобно, секаде и секогаш имав проблем, најпрво поради здравјето, потоа поради облека, пешачење, мрзеливост. Денеска се чувствувам како да се имам родено од ново.

Фото: Приватна архива

Сепак, признава тој, првите моменти биле тешки и депресивни, тешко му било да го прифати фактот дека утре нема да јаде хамбургер секој ден или пица, дека нема да јаде грицки и да пие сокови.

Беше тешко првите месеци додека се откажам од тоа и ги тргнам на страна од мојата исхрана целосно, но мора, не постои друг начин, буквално треба да се караш самиот себе кога ќе посегнеш по нешто што не е здраво за тебе, буквално борба меѓу психата и мозокот, едното ти вика: „касни ме, не се мачи“, додека другото ти вика: „не ти треба тоа, само мислиш дека ти треба, не го внесувај тоа штетно е“, а ти само треба да одбереш на која страна од тие две сакаш да се придружиш и чиј пат ќе изодиш, раскажува Буцо, и додава:

– Овој пат желбата ми беше нависитна преголема за сè ова, сега сфаќам зошто тие пати предходно не сум успеал, бидејќи не сум го посакувал тоа доволно и сум немал толкава желба како во овој период. Не се откажав, имам огромна подрршка од моите родители, од пријателите, другарите од маало со кои сме веќе долго заедно. Панчо ДНК многу ми помогна во целиот процес, и околу исхраната со совети, и околу физичката активност, пешачењето на Водно, ми даваше голема поддршка да не се откажувам и да не бидам кукавица на почетокот, и сега гледам дека е сè така и до каде сум стигнал слушајќи ги сите они кои ми го кажувале тоа.

Фото: Приватна архива

Би сакале од прва рака да ги чуеме сите плусеви и минуси на состојбата пред и по трансформацијата. Еве како Буцо тоа го објаснува:

– Тогаш бев многу мрзелив, се чувствував многу лошо, се заморував многу брзо, не можев еден кат да искачам, избегнував пешачење, сакав секаде да стигнам на било кој начин, освен пешки, ми беше и проблем со облека, искрено носев 4 ХЛ, што во нашава држава речиси и немаше ништо такво, па ми беше доста комплицирано сè. Кога ја направив оваа промена, се чувствувам како да летам, сакам да пешачам, добивам желба за активност, воопшто не сум мрзелив, сакам да се движам, сакам да вежбам, одам во теретана, одам на Водно . Можам слободно да отидам до продавница без да се заморам, без да ми е мака да искачам и 10 ката и слично.

За крај, Мартин Буцо Атанасовски им се обраќа на сите „другари по тежина“:

– На сите луѓе кои го имаат истиот проблем и ја имаат истата мака, сакам да им кажам, а и тоа ми беше замислата, од кога јас ќе го направам тоа, да ги мотивирам луѓето колку можам, да им кажам дека и да има некој 200 килограми, тоа може да се среди на природен начин, само со упорност, истрајност и љубов кон тоа што го прават, дека не се потребни никакви интервенции, операции или не знам ти што, само желба и истрајност, ништо друго! Сè ќе си дојде со тек на време, ова е процес кој бара многу време, многу посветеност и не оди преку ноќ. Слободно, секој од нив, ако сака, нека ме контактира за било каков совет или било што околу ова, Мора да се хранат здраво, но и да вежбаат, едното без другото не одат. Ги гушкам сите, давам љубов за сите, бидете ми живи и здрави. Посветете се на себе бидете здрави!

Видео на денот