ФОТО | Ја посетил и Македонија: Данец стана првиот човек кој го пропатува светот без да лета со авион

По речиси цела деценија патување, Данецот Торбјорн „Тор“ Педерсен стана првиот човек кој ја посети секоја држава во светот, без да патува со авион, пишува „Еј-би-си“.
Овој 44-годишен авантурист го започнал својот амбициозен проект „Once Upon a Saga“ во октомври 2013 година, а претпоставувал дека ќе трае околу четири години.
Неодамна тој пристигна во својата последна држава, 203. по ред – Малдиви и со тоа го обележа крајот на својата авантура, која траела цели 3.512 дена.
„На некој начин, ова беше голем и успешен социјален експеримент. Не можам да се сетам на некоја земја каде што не добив некаква форма на љубезност или поддршка од луѓето“, вели тој.

Во меѓународната организација Обединети нации, моментално, членуваат 192 држави, но Педерсен вклучил и некои други „спорни“ дестинации во својата рута.
Тој поминувал најмалку 24 часа во секоја држава, патувајќи пеш, со кола, автобус, воз или брод, вклучувајќи 37 контејнерски бродови.
„Во даден момент, качувањето на контејнерски брод ми беше како да се качувам во градски автобус“, вели тој, смеејќи се.

Педерсен вели дека, додека другите го пропатувале светот со авион или ја прекинувале рутата за да се вратат дома и потоа го продолжувале патувањето, тој е првиот човек кој го пропатувал светот во едно долго и непрекинато патување, без да се вози со авион.
„Јас сум горд што никогаш не се откажав. Јас сум горд што можев да ја докажам силата којашто се очекуваше од мене“, вели авантуристот.

Најдолго останал во Хон Конг – цели две години, поради пандемијата на коронавирусот. Тогаш, за првпат, помислил да се откаже од проектот.
„Тоа беше пред да ги добиеме вакцините, ние не знаевме како ќе се одвиваат работите и не знаевме колку опасно ќе биде за нас“, се присетил Педерсен.
Додека неговите планови биле на пауза, тој стапил во брак со својата долгогодишна девојка Ли, која го посетила 26 пати за време на проектот.

Иако го почнал патувањето со голем ентузијазам, тој го завршил „уморно, особено психички“.
„Иако почувствував голема болка и разочарувања, јас научив многу работи, доживеав многу убави нешта и големи искуства“, сподели авантуристот.

Откако помина извесно време на Малдивите, Педерсен сега се враќа во својата родна Данска. Исто така, без авион.
„Кога ќе се вратам дома, ќе им се посветам на семејството и на пријателите. Исто така, ќе земам длабок здив, бидејќи тоа ќе биде моето прво вдишување дански воздух по долго, долго време. И којзнае, можеби не е доцна да оформиме семејство со мојата сопруга“, изјави тој.
Во последните четири години, Педерсен работел на својот долгометражен документарец и планира да издаде книга со своите доживувања од патувањата.
