ФОТО И ВИДЕО: Полицијата веќе засилено го обезбедува гробот на Гоце Делчев

Полиција пред црквата Св.Спас / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Полицајци веќе два дена ја обезбедуваат црквата „Свети Спас“, во чиј двор е гробот на македонскиот великан Гоце Делчев, со намера да се спречи граѓаните самоорганизирано да се соберат на „чување стража“ во сабота, на 4 февруари.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера ги повика граѓаните да не потпаѓаат на повиците на Александар Пандов од ВМРО-ДПМНЕ за чување на гробот на македонскиот револуционер, потенцирајќи дека тоа е стриктно работа на полицијата и никому нема да му биде дозволено да биде над државата. На чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Делчев ќе присуствува целиот државен врв со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски, а досега не се најавени официјални гости од државниот врв на Бугарија.

Најавени се бугарски граѓани кои ги организира фондацијата „Македонија“ на чело со радикалот Виктор Стојанов, кој, пак, вчера извести дека македонската полиција ќе ги чека на граница и ќе ги обезбедува за време на нивниот краток престој во Македонија.

– Владата на РС Македонија Ве поканува на државниот свечен настан и одбележување по повод раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев во сабота во црквата Св. Спас-Скопје. Во чест на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев, свежо цвеќе на вечното почивалиште ќе положи претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од претседателот на владата Димитар Ковачевски, придружуван од прв заменик на претседателот на владата задолжен за координација на политички прашања на ресорите Артан Груби, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска – се вели во поканата од Владата до медиумите за акредитација за следење на настанот.

Полиција пред црквата Св.Спас / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Организаторот на бугарските граѓани Стојанов ги повика заинтересираните да дојдат во Скопје да му одадат чест на Делчев.
– Нема да има и нема да се дозволат барикади, блокади или провокации! Во контакт сме со полицијата во Скопје и тие заедно со бугарското МВР ќе се погрижат за редот и мирниот тек на прославата! Имаме организиран превоз со автомобили од Софија. На граница ќе нè пречека полицијата на Северна Македонија и ќе го обезбедува движењето до гробот на Гоце и назад. Во 11.30 часот на паркингот кај Кале ќе дојдат и нашите пријатели од Скопје и Бугарите од цела Северна Македонија, иако поради страв од напади нема да ги има многу. Им благодариме на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи на нашата татковина што обезбедија ред и што заедно ќе одадеме чест на Гоце во духот на разбирањето и пријателството, како што ќе биде и во иднина! Дојдете да го почестиме Гоце на неговиот гроб во Скопје – повика Стојанов.

Пред неколку дена, пак, тој на Фејсбук го советуваше заинтересираните мирно да се соберат кај Кале и во група да одадат почит на Делчев, без да провоцираат или да потпаѓаат на провокации, а во коментарите под неговата објава имаше совети „никој да не извикува дека Македонија е бугарска“.

Стојанов пред две седмици ги повика заинтересираните да одат во Скопје и да оддадат почит на „бугарскиот револуционер Гоце Делчев“ што предизвика реакции кај македонските граѓани кои почнаа да се организираат со намера да спречат „некој да го слави Делчев како Бугарин“. Имаше повици за блокирање на патиштата од Бугарија кон Скопје, како и организирање на „ноќна стража“ во црквата „Свети Спас“ уште во петокот попладне од 3 февруари.

Заради овие тензии Советот за безбедност минатиот понеделник го прогласи чествувањето како настан од висок безбедниосен ризик и препорача да се преземат сите законски мерки за да се обезбеди мирно и достинствено одбележување на роденденот на Делчев. Меѓудругото, препорача да се забрани влез во Македонија на одредени лица, меѓу кои и Виктор Стојанов и европратеникот Ангел Џамбаски, кој пак, пред три седмици на чествувањето на Мара Бунева среде Скопје провоцираше со изјави дека Македонија е бугарска. Министерот Спасовски повеќе пати изјави дека полицијата дента на граница ќе носи одлука дали некому ќе му го забрани влезот во државата.

Денеска и бугарската полиција се понуди да помогне, односно главниот комесар на бугарското МВР, Станимир Станев, рече дека Бугарија може да обезбеди помош во полицајци ако има такво барање од македонското МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот