ФОТО I Вечерва протести на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во седум града, утре во Скопје

Велес вечерва беше на мапата на опозициската партија во која се организира протест со автомобили. Рутата беше симболична, од Спомен Костурницата на загинатите борци од Народноослободителната и антифашисточка војна до Споменикот на Панко Брашнаров, најстариот претседавач на АСНОМ.

Во изјава за медиумите, Антонио Милошоски му порача на Заев дека е време да си даде оставка за како што рече, државата да може да исчекори напред.

– Заев не успеа да донесе инвестиции, не успеа да го подобри здравството, не успеа да го заштити достоинството на државата, не успеа да направи подобар живот што го нудеше. Успеа во две работи да направи многу предавста и успеа да ги обедини граѓаните на Македонија против Заеви. Затоа  нашата порака е оставка за Заев, слобода за Македонија, порача Милошоски од Велес.

Протест имаше и во Прилеп, каде беше нагласено дека политиката на власта е сервилна и ги доведе Република Македонија и македонскиот народ пред тешки моменти. Протестот се одржа со пароли и со автомобили низ улиците на градот.

Според Дејан Проданоски, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, за прилепчани најсвето се борците и народните херои и сега се тргува со Народноослободителната борба.

– Сервилната и предавничката политика на власта ги доведе Република Македонија и македонскиот народ пред тешки моменти, пред бришење. Сега тргуваат со најсветото. Особено за нас прилепчани, а тоа се нашите борци од Народноослободителната борба. Еве прашувам оттука, каква е таа администрација која брутално и крвнички погубила 18-мина во масакрот кај Дабница. Од кого биле убиени народните херои Орде Чопела, Кире Гаврилоски, Борка Талески, Мирче Ацев, Кузман Јосифоски Питу и другите 650 жртви колку што дал Прилеп во НОБ, рече Проданоски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва беше и во Охрид на протест со моторни возила организирани под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот”.

– Остро се спротивставуваме на договорот со Бугарија и веднаш да се прекине. Суверенитетот на една држава се добива со признавање од другите држави. Ние сме признаена држава, меѓу другите и од Република Бугарија, а со добивањето на суверенитетот се добива и внатрешно уредување на државата. Ние одлучуваме за јазикот, за историјата, за какви учебници и образование ќе имаме. Историјата не може да биде прашање за кое ќе се договараат двајца лидери на две држави, таа не се решава со два потписа, истакна Сајкоски.

Протест на ВМРО-ДПМНЕ вечерва имаше и во Тетово со дефиле на возила низ градот. Колоната тргна од пред трговскиот комплекс „Тетовчанка”, по што возилата се движеа низ градските улици и булевари и заврши во центарот на градот кај Споменикот на револуцијата.

– Денес сме тука во Тетово за да испратиме порака до сите кои помислуваат да се пазарат со нашето достоинство. Дека македонскиот народ е пријателски народ, македонскиот народ е горд народ, но, исто така, дека македонскиот народ е храбар народ и нема да дозволи да биде понижуван. Ние нема да дозволиме да се гази врз жртвите и делото на нашите предци на револуционерите на Илинденците но и врз делото на партизаните и хероите од антифашистичката народно ослободителната борба на Македонија, истака пратеникот Алексадар Велјановски кој повика на обединување на сите граѓани.

ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа протест и во Кавадарци. Почетна точка беше црквата „Света Петка”, па низ центарот на градот кон споменикот во Моклиште кај Ваташа.

– Ни велат да заборавиме, да се понижиме. И сами себе да се поништиме. Ова меѓу другото го кажа Рашела Мизрахи на протестот кој вечерва се одржа кај споменикот на „12 Ваташки младинци”.

Рече дека протестот е надпартиски и наднационален, антифашистички.

– Да му докажеме дека е доста. Да му кажеме дека никој не смее да ја допира нашата историја, нашиот народ, јазикот. Никој нема мандат за тоа. Таа е со крв платена, од црнина излезена, нагласи таа, кажувајќи дека е со кавадаречки корен.

Членовите на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово вечерва протестираа со автомобили изразувајќи револт од, како што истакнаа, обидот да се обезличи македонскиот идентитет. Протестот почна пред комплексот базени во Куманово, а колоната автомобили се движеше по централното градско подрачје.

– Сега е време да покажеме пркос, бидејќи Зоран Заев и неговата свита сакаат да нè прекрстат, сакаат да нè омаловажат, да ни се исмејуваат и сакаат да ни го сменат идентитетот. Да не дозволиме никој од нас, никој во оваа држава, повторно Зоран Заев да тргува со нашиот идентитет, со јазикот, со кумановци, рече Мисајловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот