ФОТО I Дистрибуцијата на анти-ковид вакцина е споредена со сојузничката инвазија во Нормандија: САД го насловија почетокот на имунизацијата како „Денот Д“

Фото: EPA-EFE/MORRY GASH / POOL

Дистрибуцијата на анти-ковид вакцини што најпрво треба да ги примат приоритетните групи, од денеска почна во САД и опишана е како предизвик со зачудувачки размери и една од најкомплицираните логистички мисии во историјата на земјата. Американските власти ја споредуваат со „Денот Д“, како почеток на крајот на пандемијата што ја наруши економијата и секојдневниот живот, оценуваат западни медиуми.

Авиони и камиони, викендот низ САД, почнаа да ги транспортираат одобрените вакцини против коронавирусот, така што речиси три милиони дози ќе стигнат до болниците во сите 50 федерални држави, пишува „Фајненшл тајмс“.

По одлуката на американската Администрација за храна и лекови (ФДА) во петокот (11 декември), за одобрување на вакцината на „Фајзер“ и „БајонТек“, работниците во фабриките во Висконсин и во Мичиген, во саботата, почнаа да ги пакуваат дозите што ќе ги превезат УПС и „Федекс“.

Фото: EPA-EFE/MORRY GASH / POOL

Прво ќе бидат дистрибуирани 2,9 милиони дози, а дополнителни 2,9 милиони ќе бидат испратени по три недели за втора вакцинација. Уште 500.000 дози ќе се чуваат во резерва за итни случаи.

Првите пратки денеска ќе бидат испорачани на 145 локации во сите 50 сојузни американски држави, претежно во големи болници кои имаат услови за чување на вакцината на минус 70 степени Целзиусови, додека наскоро првите вакцини ќе бидат дадени надвор од здравствените установи. Вакцини ќе пристигнат на уште 425 локации во вторник и на 66 во среда.

Американскиот генерал Густав Перн, одговорен за дистрибуција на вакцини, инсистираше на тоа дека САД се на пат да достават 40 милиони дози до крајот на годината, иако, според „Фајненшл тајмс”, тоа ќе зависи дали и вакцината на „Модерна“ ќе биде одобрена оваа недела.

Фото: EPA-EFE/MORRY GASH / POOL

Американците денеска ќе почнат да примаат вакцини, откако за време на викендот беше забележан рекорден број смртни случаи од вирусот за еден ден.

Според Универзитетот „Џонс Хопкинс“, во САД во саботата беа регистрирани 3.309 смртни случаи поврзани со ковид-19, што е најголем број на смртни случаи за еден ден насекаде во светот.

Американските здравствени власти се очекува да дадат приоритет на здравствените работници и на штитениците на домовите за стари лица, според „Би-Би-Си“, посочувајќи дека лицата кои не спаѓаат во највисоките приоритетни групи, најверојатно ќе може да ја добијат вакцина во јануари, додека генерално ќе биде достапна во април.

Фото: EPA-EFE/MORRY GASH / POOL

Со одобрување на вакцината на „Фајзер“ и на „БајонТек“, почна една од најкомплицираните логистички мисии во историјата на САД, обележувајќи нова фаза на пандемијата, проценува „Вашингтон пост“, посочувајќи дека американските власти го споредувале почетокот на дистрибуцијата со сојузничката инвазија на Нормандија во јуни во 1944 година.

Генералот Перна, кој ја надгледува дистрибуцијата, рече дека саботата е „Ден Д”.

– Денот Д беше клучна пресвртница во Втората светска војна. Тоа беше почеток на крајот. Денот Д беше почеток на крајот и ние сме тука денеска, рече Перна.

Сепак, експертите, според американскиот весник, предупредуваат дека имунизацијата во раните фази нема да го потисне интензивирањето на пандемијата и посочуваат дека сè уште се неопходни мерки на претпазливост.

Фото: EPA-EFE/TANNEN MAURY

Според „Вашингтон пост“, повеќе од 108.000 луѓе биле хоспитализирани со коронавирус во болниците низ САД во саботата кои се соочуваат со етички и со логистички предизвици во врска со вакцините.

Во некои институции, приоритет ќе имаат работниците во одделенијата за интензивна нега, додека во други, приоритет ќе имаат оние кои работат со пациенти со рак и со новороденчиња.

Исто така е дилема дали да се дадат вакцините прво на оние кои се под целосна заштитна опрема или на оние кои носат само маски и можат да дојдат во контакт со асимптоматски случаи.

Фото: EPA-EFE/MORRY GASH / POOL

Најамбициозната кампања за вакцинација во американската историја е „предизвик со зачудувачки размери”, проценува „Њујорк тајмс“ и укажува на тоа дека почетокот на вакцинацијата е првиот чекор кон целта да се имунизираат доволно Американци до пролетта за конечно да се запре ширењето на вирусот од кој живот загубија речиси 300.000 луѓе во САД, ја наруши економијата, образовниот систем и секојдневието.

Едно од најголемите отворени прашања е колку Американци, вклучително и оние во здравствениот сектор, не сакаат да примат вакцина, посочува „Њујорк тајмс“.

Анкетата на Пју спроведена кон крајот на ноември покажа дека 18 проценти рекле дека „дефинитивно не би примиле вакцина доколку е„ достапна денес “, а 21 процент велат дека„ веројатно нема да ја примат”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот