ФОТО | Хитмејкерот Јован Јованов директно од Торонто: Музичарите без смисла на бизнис не прават голем успех, со талентот остварив и други цели во животот

„Ќе ми треба магија, за да те освојам, ти ќе бидеш моја знај, само штом те погледнам“! Доколку овие стихови не ви звучат познато, тогаш веројатно сте премногу млади. За кариерата на Јован Јованов, Гугл знае речиси сѐ, а го имате и неговиот инстаграм профил од каде лесно ќе откриете, со кого во моментов соработува.

Затоа, во овој разговор, ќе се обидеме, за него да ви откриеме работи кои не ги знаете.

Фото: Приватна архива

За своето детство, со оглед на средината и условите, вели дека било убаво и среќно. Сите сеќавања од тој период, ги поврзува со убави моменти, и се разбира, со музиката, како дел од неговото рано детство.

Неговата ќеркичка, веќе има 8 години, а Јован вели дека татковството внело промени во неговиот живот.

– Нормално дека ме промени позитивно. Тоа е и целта на животот да станеме подобри луѓе, а татковството и те како придонесува за тоа, потенцира Јован.  

Фото: Приватна архива

Успехот како композитор и менаџер на многу музички имиња во Македонија, на Јован му одеше како од шега. Пред да замине од татковината, го „откри“ Слаткар чија кариера ја менаџираше беспрекороно.

– Многу артисти почнаа со мене, иако некои не ги менаџирав. Слаткар ми беше голем предизвик. Ми се допаѓаше неговата визија во која јас се пронаоѓав и самиот, па на неговата кариера работев исто како да работам за себе. Постојно сме во контакт и многу често зборуваме за македонската музичка сцена, но и за неговата кариера, вели Јован.

Не е тајна дека од нашата земја си заминуваат најуспешните. Па така, и Јованов, пред 7 години, заминува во Канада, каде сѐ уште работи и живее. За одлуката да го напушти домот во кој се родил, израснал и создал неброени хитови, вели:

– Немаше момент за да ми пукне филм.  Јас од секогаш сум сакал да го најдам мојот пат далеку од дома. Од секогаш сум сакал да ја развивам мојата кариера и да прифаќам нови предизвици. Само беше прашање на време кога ќе се случи тоа.

Магијата на успехот

Многумина за Јован знаат да кажат дека тој не е музичар, туку бизнисмен, а тој на ова одговара:

– Па во ова време во кое живееме, музичарите без смисла на бизнис не прават голем успех. Мора секој да си ја менаџира својата кариера и да знае како да го материјализира својот талент. Јас пред сѐ сум успешен автор, музички продуцент и аудио инжинер кој многу добро го разбира музичкиот бизнис. Позади себе имам големо музичко образование, а без музика не би можел да живеам ниту еден ден. Талентот за музика ми помага да остварувам и  други цели во животот…

Јован смета дека македонските артисти се талентирани, особено некои од новите музички имиња (без да издвои никого посебно), но се ограничени од големината на пазарот.

Фото: Приватна архива

– За да направат поголема кариера, неопходно е да пејат на странски јазици. Но, верувам и се надевам, уште повеќе – ќе бидам среќен, доколку потенцијалот кој го имаат одредени македонски музичари, ги одведе до интернационалната сцена, нагласи Јованов.

Иако, секогаш кога е во можност, доаѓа во Македонија, не планира никогаш да се врати тука за да остане.

– Не наоѓам доволно голема причина за да се вратам и останам да живеам во Македонија. Колку и да сум реализиран во Канада, доаѓам зошто таму не се моите роднини, пријатели, а со тоа ни дружењето. Кај нас го има сето тоа, а тоа е доволно големо, за постојаното навраќање и користење на одморот, токму тука, во Македонија, вели Јован.

Кога му реков дека сакам да напишам животна сторија за него, ми кажа: „почекај, рано е, имам јас уште многу работи да направам и да остварам за да биде животната приказна комплетна“.

Оттука, го запрашав: дали можеби во Канада не ја пронајде магијата која те освои? Еве што ми одговори:

– Па да, многу е рано за тоа. Јас сѐ уште чекорам кон патот на успехот. Се чувствувам како да сум на самиот почеток и дека имам уште многу предизвици да прифатам и успеси да постигнам.  Се надевам дека во многу блиска иднина ќе променам локација на живеење или можеби ќе живеам на две локации. Ми се отвораат нови врати во Лос Анџелес, така што, после оваа пандемија, многу веројатно е дека често ќе патувам на релација Торонто-Лос Анџелес.

Фото: Приватна архива

Ние искрено се надеваме дека овој план ќе му се оствари на Јован Јованов, а секако нема да се изненадиме доколку во иднина го видиме како автор на светски музички имиња. Бидејќи, уметноста, комбинирана со талент, образование, амбиција и јасна визија, го наоѓа вистинскиот пат за да ја допре најголемата височина.

Видео на денот