ФОТО | Голем ден за семејството на Перо Антиќ: „Горд сум на мојот првенец“
Славењето во домот на поранешниот кошаркарски ас Перо Антиќ едноставно не стивнува. По прославата на матурска вечер, во семејството пристигна уште една убава причина за радост, официјалната диплома за завршено средно образование на најстариот од трите сина, Лука Антиќ.
Препорачано
Лука свечено ја подигна својата диплома од приватно средно училиште и гордо позираше со својот татко, означувајќи го крајот на едно прекрасно поглавје и почетокот на новите животни предизвици.

Пораката што Перо ја сподели на социјалните мрежи покрај фотографиите од овој важен чин, најдобро ја опишува родителската љубов, но и визијата што ја има за својот првенец:
„Нека твојата верба во себе биде секогаш поголема од твојот страв. Не задоволувај се со просечноста – стреми се кон тоа што навистина можеш да бидеш. Среќно матурирање, гордост татина“.

Од кошаркарските трибини до менаџмент студии
Во разговор за „Слободен печат“, Перо подетално ни откри како изгледа секојдневието на Лука по завршувањето на училишните денови и какви се неговите планови за иднината, која веќе не е поврзана со кошарката.
„Лука се откажа од спортот. Сега е активен во теретана, оди редовно, а максимално се посвети на школото и еве, веќе заврши и матурираше. Сака да се запише на студии по бизнис-менаџмент. Сè уште немаме детално зборувано за тоа, оставам тој самиот да одлучи, а јас секогаш ќе бидам тука како негова поддршка“, ни изјави Перо.

Дека крушата под круша паѓа, доказ се сите три сина на Перо – Лука, Павел и Петар. Како најстар, Лука го пробива патот и поставува одличен пример за своите помали браќа, кои заедно со мајката Ружица се неговата најголема поддршка во секој чекор. За нивната поврзаност, Антиќ со гордост додава:
„Тој е цело време со браќата, уживаат. Лука е навистина посветен брат. Тој ми е првенец и ме прави многу горд. Пред сè, затоа што е добро дете, прекрасно воспитано, ги цени вистинските животни вредности“.

Чекорење во светот на полнолетните
Пред младиот Антиќ сега претстои уште еден голем животен пресврт, полнолетството и преземањето на одговорноста за сопствениот пат, нешто за што Перо гледа со голема доверба, но и со подготвеност секогаш да му го чува грбот.
„Околу полнолетството … тоа е еден заеднички и голем предизвик кој сите во животот сме го поминале, па среќен сум што сега и тој ќе го искуси тоа. Сепак веќе е возрасен, сам ќе си одговара за своите постапки, ама тато ќе биде секогаш тука за сè што треба“, изјави Перо за „Слободен печат“.

Од мали момчиња кои ја бодреа македонската кошаркарска легенда од трибините, тие денес израснаа во прекрасни, воспитани и успешни млади луѓе.
Зад секој успешен млад човек стојат родители полни со љубов кон своите деца, а Ружица и Перо кои по 13 години, во 2019 година ставија крај на бракот, уште еднаш покажаа дека заедничката поддршка и родителскиот ветер во грб се клучни за нивните наследници.
ФОТО+ВИДЕО | Перо Антиќ го испрати синот на Панчо на полуматура: „Среќна матура лепотану“


