ФОТО: Герила акција на Левица после која партијата мораше да ги објаснува ставовите на Апасиев

герила левица (2)
Фото: Фејсбук / Левица

На денешната официјална средба со бугарскиот премиер, Кирил Петков, младинската организација на Левица упати порака до премиерот кој го негира постоењето на Македонците во Бугарија, соопштија од  Левица откако со два провокативни транспаренти го пречекаа бугарскиот премиер Петков кој со владина делегација денеска престојува во Скопје во обид да се направи напредок во македонско-бугарските односи за да може да се одблокира патот на земјава во ЕУ.

-Владата на Кирил Петков ги продолжува негаторските политики на неоврховизмот кон Република Македонија, додека Владата на Ковачевски, доколку имаше државотворен капацитет, веднаш ќе ја откажеше средбата после срамната изјава на Петков за непостоење на македонско малцинство, соопштуваат од Левица чиј лидер Димитар Апасиев како професор по право треба да знае дека Бугарија во својот устав не признава никакви национални малцинства, не само македонското.

-Владата на Република Македонија има уставна должност да се грижи за правата на Македонците во соседните држави, а за шовинистичките политики на бугарските власти говорат 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права за кршење на човекови права на македонското малцинство. Лицемерието на европската дипломатија спрема Македонија продолжува, која премолчено го одобрува ваквото брутално кршење на човекови права, додека користи перфидни методи за притисок и уцени врз македонскиот народ, наведува партијата за ова прашање за кое и самиот знае дека не е предмет на никави преговори со Бугарија во целиот 30 годишен период од постоењето на независната македонска држава.

-На мирниот протест, членовите на Левица со транспарент беа легитимирани од полицијата и задржани повеќе од половина час, како своевиден притисок од органите на прогонот при изразување на правото на мирен протест. За потсетување, пред само неколку дена, неофашистички групации парадираа сред Скопје со знамиња на Цар Борис, заштитени со придружба од полицијата на Оливер Спасовски!, потсетува партијата која знае дека во државава загарнтирано е правото на протест.

герила левица (2)
Фото: Фејсбук / Левица

 

Лидерот на Левица на својот профил на Фејсбук се пофали со провокативен пречек на бугарскиот премиер Кирил Петков кој со владина делегација денеска престојува во Скопје во обид да се направи напредок во македонско-бугарските односи за да може да се одблокира патот на земјава во ЕУ.

Споменувањето дека се „администратори на цар Борис“ во моменти кога македонските граѓани очекуваат политичарите конечно да ги остварат своите заложби за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, е крајно неумесно дури и од Левицата ако се знае дека токму администраторите на цар Борис во Охрид 1941 година се пречекани со леб и сол и поддржувани во текот на целата окупација во Втората светска војна.

герила левица
Фото: Фејсбук / Левица

Апасиев потоа со хаштаг ги опцу и врховистите, намерно или случајно ако се земе во предвид дека токму дејците на врховистичкото крило на ВМРО како Тодор Александров, Ќосето и други ги красат плоштадите и крстосниците во Скопје, поставени токму од ВМРО-ДПМНЕ, кое се обиде да ги врати на пиедесталот во македонската историја и овие членови на македонското ослободително движење кои не го заслужуваат почесното место туку повеќе ја застапуваат пробугарската линија и стојат зад убиствата на најголемите македонски револуционери. 

Сите отворени историски прашања меѓу македонската и бугарската страна и натаму ќе ги решаваат историчарите од двете страни, а ваквите евтини провокации не придонесуваат кон градење на доверба и дијалог меѓу двете земји. Заедничката историја допрва ќе се разгледува, а за чествувањето на историските личности расположението е различно од двете страни.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот