ФОТО | Гастро марифети со Ајсан Есад, правничка: Поетеса во душа – поезија на трпезата!

Ајсан Есад е правничка, поетеса во душа, а слободен уметник во кујна. Има прилично многу пасии. Хедонистка е и љубителка на животот и готвењето.

Пасијата кон готвењето ја носи во себе од дете. На девет години ги направила кокосовите „чупавци“ и ги ставила во голем стаклен сад на трпезариската маса, чекајќи реакции од родителите. Вели дека во нејзиниото семејство отсекогаш се готвело исклучително вкусно. За неа нема граници во готвењето и нешто што ѝ е недостижно, сака сè да проба, а има и сопствени измислени рецепти. Инаку, сака да готви традиционални рецепти и секогаш ги вика децата да видат како се подготвуваат, исто како што постапувала со неа мајка ѝ. Сака да меси, да сука, сака благи работи, макробиотички и вегански специјалитети, зимници… Ги сака и зачините, а голема љубов ѝ се чаевите кои ѝ се секојдневен ритуал. 

Фото: Приватна галерија

– Случајното наоѓање на групата „Здрава храна мк верзија“ за мене беше едно скалило кон поголема среќа, можност да запознаеш слични на себе, многу шанси да бидеш инспириран и да инспирираш. Толку врвни готвачи, толку позитивна енергија и толку љубов на едно место е реткост во ова време. Кога ја чувствувам таа енергија се потсетувам на мислата на мојот омилен поет и мислител Руми, кој вели: „На оваа почва не садиме друго семе освен семето на љубовта, на оваа чиста нива не садиме друго семе освен чисто семе“, вели Ајсан.

Фото: Приватна галерија

Здрави бомбици

Намирници: 250 гр путер од бадеми/ лешници, 125 гр кокосово брашно, 100 мл јаворов сируп, 2 лажички квалитетно какао, 1 лажичка цимет, 2 лажици путер, по желба сецкани апетисани. Сите состојки се мешаат заедно се оформуваат бомбици и се валкаат во мелени ораси, лешници.

Фото: Приватна архива

Лахмаџун

За тестото: 200 гр брашно, 120 мл млака вода и половина лажичка сув квасец, малку шеќер и сол. Убаво се измесува и се дели на топчиња. Откако ќе стаса, на набрашнета површина се сука што е можно потенко.

Фил: Мелено месо околу 200 гр, млад кромид, пире од пипер и домат, масло, бибер и зачини, а задолжително кумин. Сè тоа убаво се меси, му се додава сецкан домат и пипер.

Тестото се сука најтенко можно, се мачка со смесата. Рерната се загрева на најсилно, најдолу се поставува камен за печење или тепсија свртена наопаку. Лахмаџунот се поставува директно на каменот или тепсијата и се пече 5 до 7 минути. Неодоливо крцкаво задоволство!

Фото: Приватна архива

Кукурек

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка: Кукурекот се боцка со тенок нож и се остава да отстои во солена вода околу 30 минути. Потоа под млаз вода се чисти со боцкање и стискање. Се вари, се проверува со вилушка дали е сварен. Потоа, се поставува над исечкан млад кромид. Се додава сол, црвен пипер и масло.

Најдобро е да се пече во земјена тава во која се додава малку од водата во која се варел. Се посолува и му се додава малку масло и црвен пипер. Се пече во рерна прво покриен, потоа и откриен додека зацрвени.

Фото: Приватна архива

На здравје!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот