ФОТО | Гастро марифети: Рецептите на Ана ја слават македонската кујна во Австралија!

Фото: Приватна
Ана Наумовска е посветена сопруга и мајка на две дечиња. Во Македонија дипломирала на Факултетот за администрација и менаџмент на информациски системи, а сега веќе четири години живее во Австралија. Уште од мала посакувала да готви како мајка ѝ и останатите жени од семејството, бидејќи сите биле, и се, одлични готвачки.

– Љубовта кон готвењето постоеше одсекогаш, но најмногу дојде до израз откако се омажив – ни рече Ана.

Ја прашуваме, кои се поголеми домаќинки во кујна, Македонките или Австралијанките и што најчесто тие готват?

– Дефинитивно и без двоумење Македонките. Македонките тука во Австралија, како и насекаде низ светот, се одлични готвачки и со голема страст ги приготвуваат нашите традиционални македонски специјалитети. Нема прослава која не изобилува со нашата преубава храна, а гостите се секогаш воодушевени. Австралијанките пак, готват побрза и многу поедноставна храна од нашата.

Вели дека надалеку се познати, па секако и во Австралија, македонскиот ајвар, нашите специјалитети од тесто како што се зелник, мазник, питулици и кифлички, прекрасното тавче гравче, полнети пиперки, специјалитети од месо, како и нашите прекрасни колачи и торти кои пленат со пребогат вкус, и дека ретко кого оставиле рамнодушен.

Грузиски хачапури

Фото: Приватна архива

Состојки: (за шест големи парчиња)

За тесто: околу 1 кг брашно, 2 лажици сув квасец, 1 лажица шеќер, 1 лажичка сол, 500 мл топло млеко, 250 мл масло, 2 белки (жолчките се користат за премачкување), сусам за наросување.

Фил: околу 500 гр рендан кашкавал, 6-8 јајца, сол и зачини по желба.

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Сувите состојки се промешуваат во поголем сад. Се истураат и течните состојки. Се меси додека се добие меко нелепливо тесто. Тестото е многу меко, прекрасно за работа. Веднаш се дели на шест еднакви топчиња, се оставаат 15 минути да одморат. Од секое топче се расукува кора врз која од двете страни по краевите се става рендан кашкавал. Се виткаат навнатре двата краја и се формираат како чамчиња. Се премачкуваат краевите со јајце и се наросуваат со сусам. Се ставаат во загреана рерна на 200 степени околу 10 мин. Се вадат од рерната и внатре се крши едно или две јајца. Се посолуваат јајцата и се ставаат зачини. Се враќаат во рерна и се печат уште 15 минути.

Фото: Приватна архива

Ванила мафини

Фото: Приватна архива

Состојки: 125 гр путер на собна температура, 125 гр шеќер, 2 јајца, 200 гр брашно, 150 мл млеко, 1 ванила, 1/2 пециво.

Подготовка:

Се мати путерот со шеќерот и ванилин шеќерот, се додаваат јајцата едно по едно, се меша брашното со пецивото, се додава малку брашно, малку млеко додека се потроши. Се печат на 180 степени околу 20 минути. Декорирајте по желба.

Суши

Фото: Приватна архива

Состојки: Две и пол чаши ориз за суши (sushi rice, но може и со обичен ориз) – чашата е од 200 мл, 3 чаши вода (истата чаша со која се мери оризот), 5 лажици киселина за суши (sushi rice viniger или sushi seasoning), 7 листови за суши (Yaki nori).

Фил по желба: Јас ставив во дел чаден лосос, сенф, црн сусам и краставица, во останатите: парчиња туна (од конзерва), посен мајонез, краставица, црн сусам и морков.

Подготовка:

Оризот се мие убаво (неколкупати, додека водата стане чиста) и се става во тенџере со вода. Се покрива со капак. Се вари 15 минути. Се трга тенџерето од оган и се остава 10 минути. Потоа, во поголем сад се истура жешкиот ориз и се додава киселината за суши. Се меша убаво со шпатула, но не премногу. Се остава да се излади. Се подготвува филот. Откако оризот е изладен се става лист за суши на подлога за виткање на суши и со водени раце (или со помош на ракавици) се тапка оризот рамномерно (со прстите, не со целата рака). На средина се става филот, по целата должина, и внимателно се виткаат со помош на подлогата за виткање на суши. Се повторува со останатите ленти. Од оваа доза излегуваат 14 парчиња суши стандардна големина, овој пат јас ги сечев на помали парченца.

Има многу различни идеи за филување, а исто така и различни сосови со кои се послужуваат. Јас ги послужив со соја и васаби сос.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот