ФОТО | Дина Јашари: „Лани ова време не би си верувала дека ќе ми се случи ова“

Дина Јашари повторно нѐ направи горди и среќни што на музичката сцена имаме редок „дијамант“ како неа. Последниот во низата успеси е гостинскиот настап во Загреб, на јубилејниот концерт на хрватскиот бенд Елементал, кој го прослави своето 25-годишно постоење на регионалната музичка сцена.

Настапот беше во саботата, а импресиите сѐ уште не стивнуваат. Кога се договаравме за кратка изјава, таа рече дека е невозможно да ги искаже своите емоции и импресии во кратка изјава. Целата возбуда и впечатоците на Дина ви ги пренесуваме во целост.
„Минатата година во март го имав мојот прв настап надвор од Македонија, во Белград во полна сала во „Дом омладине“, на „Контакт фестивал“. Во состав – дуо, заедно со Лука Тошев ја претставивме мојата музика, а по нас свиреа Елементал.
Сега, на 3 јуни заедно со целиот бенд (Лука, Стефан, Симеон, Драган и Сара) бевме поканети да го отвориме јубилејниот концерт- 25 години постоење на Елементал во Шалата, Загреб.
Лани ова време не би си верувала дека ќе ми се случи ова. Имам слики и видеа што до некаде ја доловуваат атмосферата. Свиревме за време на зајдисонце, боите заедно со песните се прелеваа од сина до розева, виолетова, портокалова…
Искуството беше магично, публиката со секоја следна песна стануваше побројна и погласна. Приметив дека имаше луѓе што ги пееја песните од почеток до крај. Публиката беше отворена да слуша и ужива во музиката во моментот, иако можеби не го разбираа текстот, добив впечаток дека им е пријатно.
Секој од музичарите си имаа свој соло момент и беа поддржани со аплауз и восхит. Со нас беа и нашите техничари Ерик, Трипе и Кирца, кои носат со себе едно посебно аудио-визуелно искуство, ја збогатуваат музиката и ја прават големата слика на она што се случува на сцена. Опкружена сум со прекрасни, талентирани луѓе, што го прават возможно сѐ она што сум го замислила, па дури и повеќе.
Многу се радувам што Елементал нѐ поканија да бидеме дел од толку важен и голем настан, ова се спомени што остануваат во меморија и се од големо значење.
За мене и за моите „Другари“ следи возбудливо лето, се подготвуваме за Будимпешта, Краков, Егзит фестивал, потоа турнеја во Хрватска и уште неколку необјавени датуми“, ги пренесе своите импресии Дина.

