ФОТО | Дигиславиа, првата онлајн галерија на Балканот: „Тоа што нѐ разделува е само лоша политика и неинформираност“

Колаж: СП. / Фото: Приватна архива - Марко Аврамоски, Digislavia
Разговараме со Марко Аврамоски, млад Македонец во Словенија кој ги сплотува младите на Балканот преку неговиот личен проект наречен Digislavia.
Принтскрин / Digislavia.com
СП: Што е Digislavia и како функционира? Kако се роди идејата за платформа од ваков тип и дали некој ти помогна во процесот на создавањето?

Марко: Digislavia e платформа за промоција на уметнички таленти од целиот свет. Истовремено, Digislavia e првата онлајн галерија на Балканот! Секој понеделник нов уметник доаѓа и ја користи веб-страницата како своја на една недела. Секоја година има приближно 50 недели и автоматски, имаме 50 артисти годишно со кои соработуваме на проектот.
Што ја прави нашата идеја посебна од другите? Верувам дека досега немате сретнато веб-страница што секој понеделник има различен изглед!
Сам го создадов целиот нацрт, план и стратегија и моментално работам сам на Digislavia. Завршив средно уметничко, сум дипломиран менаџер за односи со јавноста и моментално ги завршувам моите мастер студии на Економскиот факултет во Љубљана, на одделот бизнис-информатика. Комбинацијата на моите вештини беше перфектна за овој проект. Нормално, сите артисти што се дел од Digislavia се грижат секој понеделник страната да има нов дизајн. Во овој контекст, проектот го водам сам во соработка со други 50 артисти годишно.

Марко Аврамоски / Фото: Приватна архива

Би сакал да имам тим во иднина, бидејќи во моментов работам како проектен менаџер, како дизајнер, како менаџер на социјални медиуми и на крајот – менаџер за односи со јавноста. Многу често се советувам со пријатели дизајнери, кои ми даваат есенцијален фидбек и дополнително, мојот помал брат ми помага со менаџирање на фејсбук-страницата на Digislavia (најдете нѐ и на ФБ! @digislavia). Последно (но многу битно), ако нѐ следите на Инстаграм, веднаш ќе забележите дека на неделна база се советуваме со нашите следачи и отворено ги прашуваме што сакаат да видат, што (не) им се допаѓа и што би сакале да видат следно. Верувам дека директната комуникација со публиката е клучот на нашиот успех.

СП: Зошто ја создаде Digislavia? Влијаеше ли пандемијата врз твојата одлука? За што се надеваше дека ќе придонесе првата целосно бесплатна дигитална уметничка архива на нашите простори?

Digislavia е идеја на којашто седев веќе неколку години. Иницијално, ова требаше да биде одговор на проблемот со кој се соочуваат сите уметници, односно немањето простор за промоција. Додека јас бев во средно уметничко, ми беше незамисливо дека немаме конекции со други уметнички куќи. Ми беше незамисливо дека освен во нашето училиште, немавме шанси да се поврземе со локални галерии каде што би изложувале нашите дела и би добиле видливост. Понатаму, со трендот на дигитализација многу брзо ми стана јасно дека обичните галерии ќе мора да најдат начин да се трансформираат. Евидентно, ниту една физичка галерија во светот нема толку капацитет колку што има интернетот. И така се роди идејата за онлајн галерија. На мое огромно изненадување, немаше ниту една таква галерија на Балканот. Стабилна идеја и добра можност придонесоа кон започнување на проектот, а генералниот глад за култура на нашите простори помогна во градењето на нашата публика.

Digislavia архива / Cyberniko

Пандемијата дефинитивно влијаеше врз мојата одлука! Првичната идеја за проектот беше да биде еден вид Фејсбук онлајн галерија. Меѓутоа, Фејсбук никогаш не стана комплетно популарен помеѓу најмладата публика – па решив да почекам некој период. Кога пандемијата започна, тогаш решив да ги извадам сите планови, белешки и записи и го пренаменив проектот за Инстаграм. Како и да е, проектот никогаш не е фиксен и се развива константно. Почнавме со нудење бесплатна платформа и промоција на артисти, додадовме неделни „mood boards“ на нашите инстаграм-стори за неделна инспирација. Дополнително, еднаш неделно споделуваме огласи за работа од креативниот и бизнис светот. Тоа е предноста на водење „флуиден“ проект – секогаш е во процес на константно развивање. Имање отворен ум кон креативни идеи е секогаш најдобриот пат. Digislavia намерно нема препознатлив бренд или лого за публиката да може да се фокусира само на уметниците и на нивните дела!

Digislavia архива / MPVSK

Се надевам дека ќе придонесе кон неколку работи за сите оние што партиципираат во проектот. За артистите, се надевам дека ќе донесе видливост и препознатливост не само на локално туку и на глобално ниво! Во текот на проектот, забележав дека на многу уметници им е потребна дигитална едукација. Многу од нив прават веб-страници за првпат и овој проект во тој контекст, станува едукативно искуство што секој од нив ќе си го понесе со себе. За публиката се надевам дека ќе им донесе инспирација, свежина и запознавање со нови уметници/медиуми на неделно ниво. Додека сме на оваа тема, му се заблагодарувам на „Слободен печат“ затоа што ни овозможивте сликите од галеријата за првпат годинава да ги видиме испечатени во весник.

СП: Освен македонски креативци, на Digislavia може да се најдат и таленти од Балканот, а неодамна забележавме дека на платформата се вклучуваат и луѓе од други континенти. Колку млади досега уживаа во слободниот дигитален простор и како успеа да ја рашириш оваа креативна мрежа за толку краток временски период?
Digislavia архива / Iva Suhadolnik Gregorin

Toчно така! Во првата едиција имавме 50 уметници што доаѓаат од Македонија, Србија, Словенија, Хрватска, па сѐ до нашите браќа и сестри од Франција, Колумбија и САД. За втората едиција имаме уште 50 уметници, кои освен од Балканот, ни доаѓаат и од Косово, Австрија, Бугарија и Германија. Досега повеќе од 150 артисти аплицирале да бидат дел од Digislavia, што значи дека нашиот проект е букиран до 2023 година.

Успехот за брзото ширење на проектот е базиран на неколку фактори. Првично, имаме стабилна „growth“ стратегија, остануваме во секојдневен контакт со нашата публика, нудиме уникатно искуство и крајно, самиот правам скаутинг на артисти во слободно време. Како што веќе напоменав, сѐ уште не постои проект сличен на овој и верувам дека тоа е главниот фактор зошто нашите креативци се поттикнати да аплицираат. Мојата прогноза е дека сите галерии (како што видовме низ епидемијата) ќе се префрлат во онлајн просторот, меѓутоа сум уверен дека нашиот проект ќе води со уникатност.

Digislavia архива / Cyberniko
СП: Кажи ни нешто за тебе. Кој е Марко? Што те инспирира? Како изгледа твоето секојдневие? Дали Digislavia е твојот примарен професионален фокус или хоби што те исполнува?

Себеси се сметам за човек што има огромен апетит за учење и за уметност. Моето секојдневие е исполнето со многу технологија, скејтање и музика. Голем дел од времето сакам да го поминувам сам гледајќи политички или технолошки документарни филмови, сликајќи на платно и креирајќи нови производи за мојот креативен проект наречен VIOLENT TRIP. Вработен сум во Словенија, каде што работам во ИТ-тим за една интернационална корпорација.

Digislavia e мојата втора работа. Не би го нарекол хоби затоа што ми е проект при срце и секој слободен момент од денот ми е посветен на тоа. Во останатото слободно време креирам инстаграм-стори, комуницирам со артисти и сум во потрага по нови можности! Годинава во јули направив 365 дена откако го објавив проектот и од првиот ден до сега, немам земено ниту еден слободен ден од Digislavia. Не би ни сакал!

Марко Аврамоски / Фото: Приватна архива
Академскиот живот го продолжуваш во Словенија, каде што ја создаваш и Digislavia. Континуирано комуницираш со млади креативци од повеќе земји, а преку твојот зафат извира и стремежот за заедништво, слобода и правда. Можеш ли да направиш кратка паралела, што ги разделува, а што ги обединува младите на Балканот?

– Секако дека може да се направи паралела помеѓу тоа што ги разделува, а што ги обединува младите на Балканот. Тажната вистина е дека уметниците од цел Балкан се справуваат со истите тешкотии. Отсуство на можности, шанси, соработка, простор. Тоа е нешто што нѐ засега сите и навистина сум среќен дека буквално изродивме сајбер-простор во кој што ги урнавме сите претходно наведени бариери. Тоа што нѐ разделува е само лоша политика и неинформираност.

Digislavia архива / Матеја Николиќ
СП: Неодамна го создаде брендот VIOLENT TRIP, а приходите од сите рачно изработени производи беа насочени за поддршка на Digislavia. Можеме ли да очекуваме нови парчиња наскоро?

– Да. Иако немам линеарен план, од VIOLENT TRIP може да очекувате многу интересни работи во наредната година! Иако почнав со дизајнирање маички, идејата е VT да стане „онлајн концепт стор“, каде што на неколку месеци ќе има нови производи.

Фото / VIOLENT TRIP @violentxtrip
Фото / VIOLENT TRIP @violentxtrip

Покрај маиците, сакам да се посветам на производи од различен тип. Во моментов работам на колекција „faux leather“ чанти од 80-тите што ги рециклирам и ги преработувам во мој (VT) стил. Исто така, имам идеја за 3Д испечатени производи. Во иднина можно е да има и мебел и ентериер – заследете нѐ и видете сами! 😊 @violentxtrip

СП: Во моментов Digislavia го нуди тоа што на секој млад талент му треба – слободен простор за да покаже што умеe (и тоа бесплатно!). Проектот е создаден за да биде самоодржлив и непрофитен, но, сепак, дали размислуваш за идни соработки, кои би овозможиле експанзија на платформата или би сакал да продолжи во ова темпо? Што е следно за Digislavia?

– Размислувам за експанзија на платформата, меѓутоа постепено. Проектот е премногу млад, па со сечиј фидбек се обидувам да додадам некои нови и практични моменти одвреме-навреме. Дополнително, размислувам за нови идеи – претставени на едноставни и практични начини. Комплицирани стратегии и праќање сто различни пораки до публиката, ниту би било ефективно за проектот, ниту за следачите. Следно за Digislavia е нашата втора едиција (втор круг) на артисти. Почнуваме во втората недела од август. Со нов дизајн за инстаграм-постови и сториња, со можноста артистите сами да избираат што ќе пласираат на нашите социјални медиуми во текот на неделата итн. Многу, многу возбудливи работи доаѓаат годинава накај вас, бидете во тек!

Digislavia архива / MPVSK
СП: Освен со заследување на инстаграм-профилите @digislavia и @violentxtrip, како нашите читатели би можеле да ја поддржат Digislavia?

– Во однос на самиот проект, освен со заследување, најголемата поддршка доаѓа преку споделување на нашата содржина. Во однос на финансирање на проектот, VIOLENT TRIP е само една креативна дирекција, преку која пласираме концептуални DIY-продукти. Во таа смисла, 100 отсто од приходите на VT се директно насочени кон одржување и трошоци на платформата за Digislavia. Преку првата продажба на маичките, успеавме да купиме URL и меморија на сајтот – ефективно креирајќи однос со нашата публика во којшто изработуваме уметност – за понатаму да инвестираме во уметнички проекти.
Во иднината би сакал Digislavia да функционира и на начин на кој следачите ќе можат директно да порачаат и да купат одредено дело што е изложено во нашата галерија, без разлика дали се дигитални дела или масло на платно. Така што, читатели, ве поканувам сите да одите на нашиот сајт и да проверите дали нешто ви фаќа око.

Digislavia архива / Стефан Стојановски
СП: Забележавме дека понекогаш споделуваш и добра музика. Што слушаш периодов? Би сакал ли да споделиш плејлиста со нашите читатели?

Обожавам да споделувам и дознавам нова музика! Во мојата музичка колекција ги имам сите можни жанрови на музика (од техно до средновековни хорови). Најчесто слушам електронска и хип хоп музика.Со задоволство би споделил неколку песни:
1. MUHA – Identitet
2. Azealia Banks – Yung Rupunxel
3. Rico Nasty – Countin’ Up
4. Coucou Chloe – Skin like sin
5. SOPHIE — Faceshopping
6. Shygirl – Slime
7. Ashnikko – Tantrum

Digislavia архива / Iva Suhadolnik Gregorin

За крај, на креативците им ги поставуваш овие три прашања, а во оваа пригода, ние ти ги поставуваме тебе:

Што би сакал да споделиш со светот?

– Уметност! Секаква уметност. Ни треба повеќе сликање, музика, 3Д, фотографии и мода.

Што влијае врз тебе и твојата креативност?

– Музика дефинитивно! Уште почесто се инспирирам од запознавање нови луѓе, патување и андерграунд култура.

Ако би можел да промениш една работа во светот, која би била таа?

– Би градел културни центри во секој град.

Видео на денот