ФОТО | „Црвена јабука“ одржа љубовен концерт во Филхармонија: Запалете ги телефоните за двете ѕвездички на небото

Целата сала на Филхармонија речиси цел концерт беше на нозе, на концертот на „Црвена јабука“, сношти, а сигурно дека така ќе биде и на вториот, вечерва од 20 часот.

Босанската група која со Дражен Жериќ-Жера како фронтмен последните 20-тина години функционира од Загреб, уште ја носи душата на Сараево, каде што во 1985 година започна приказната на една од најзначајните групи во поранешна Југославија. Концерт кој почнува со баладата „Са твојих усана“, неофицијална љубвовна химна на многумина ветува уште од старт, а еуфорично продолжи до самиот крај.

Кога се снимила оваа песна, Жера бил клавијатурист на бендот, а вокал за жал покојниот Дражен Ричл- Зијо, кој заедно со тогашниот басист на групата, Аљоша Буха загина во сообраќајка кај Мостар. Од 1987 година, Жера како вокал го носи споменот на своите другари, за кои сношти замоли да се вклучат телефони и запалки.
„Запалете ги телефоните, за двете ѕвездички на небото, Зијо и Аљоша“, рече Жера пред да ја испее „Туго несреќо“, во која публиката беше погласна од него.

Не го заборави ниту својот пријател „Кемица“, Кемал Монтено со кој има испеано дует, а го опиша како „голем човек кој ги сакал сите нормални луѓе“. Во чест на Даворин Поповиќ, ја испеа „Бацила је све низ ријеку“, која како преработка се најде на последниот предвоен албум на „Црвена јабука“, „Некако с прољеќа“ во 1991 година, кога групата беше во стариот состав. Златко Арслагагиќ- Злаја ги напиша едни од најубавите песни на групата кои Жера и денес ги пее со голема љубов.

Љубовен и романтичен беше целиот концерт, сеќавање на песните кои од една страна потсетуваат на посреќни и поедноставни времиња, а друга звучат актуелно, како вчера да се снимани, затоа што никогаш не престанаа да се пеат. На Жера му пречеше силното светло, и посака да се намали, па публиката пееше и играше во таква една интимна и романтична атмосфера повеќе од два ипол часа.
Дека се „стара школа“ и не го одработуваат бисот само како дел од сценарио, за Жера и за бендот се виде на крајот. Отсвиреа микс од постари песни кои не се повторуваат на концертите и долго не се слушнати, и се гледаше дека имаат сила за уште.

Љубовта кон 7/8 ритам, „Црвена јабука“ ја покажа во преработката на „Ако умрам ил загинам“ која вчера ја слушнавме за првпат во живо, а ја споија со „Македонија“ од Дадо Топиќ.
„Чувајте ја Македонија, најубава е на Балканот“, порача Жера на крајот.
Во јули, тој ќе наполни 59 години. Црвените старки и специфичната фризура му се имиџ нецели 40. И нешто што никогаш не се сменило е жарот со кој и сега пее, и реченицата што не пропушта да ја повтори:
„Сакајте се, љубете се“, истата порака која ја има во секој еден стих на „Црвена јабука“.
Организатор на концертите е „Авалон продукција“.
