ФОТО | Борко не се извини, туку само порача: „Никогаш не го отпишувајте Вардар“!!

Ракометарите на Вардар 1961 со двете победи над најголемиот ривал Еурофарм Пелистер најавија дека сезонава сериозно ќе конкурираат за сите домашни пехари.
Скопските „црвено-црни“ пред две недели со триумф токму над актуелниот шампион беа подобри во Суперкупот на Македонија, а сега тоа повторно го направија пред своите навивачи во првенството (30:25).
Поранешниот репрезентативен голман, сега Извршен директор на РК Вардар 1961, Борко Ристовски, заедно со Стојанче Стоилов пред почетокот на дербито во СЦ „Јане Сандански“ беа испратени во пензија.
По завршувањето на мечот, Ристовски направи победничко „селфи“ со ракометарите и стручниот штаб, и истото го сподели на социјалните мрежи.
– „Никогаш не го отпишувајте Вардар“ – стои во објавата на Борко на „Инстаграм“.

Токму истите зборови стојат и на официјалниот клупски сајт на РК Вардар 1961 за кој пред неколку дена Ристовски направи интервју.

Во тоа интервју, непосредно пред ова дерби, Ристовски кажа дека доколку не се поправи ситуацијата, Вардар ќе бара и судии од странство за дерби средбите, за да се добие на чесноста и да нема влијание од различни страни.
На таквата изјава веднаш реагираше Здружението на ракометни судии на Македонија кое во своето соопштение побара извинување од РК Вардар, во спротивно арбитрите нема да делат правда на натпреварите на тој клуб.