ФОТО | Арсовска: Скопје ќе биде град на соживот, соработка и солидарност

Данела Арсовска
Данела Арсовска / Фото: Фејсбук, Данела Арсовска

Скопје ќе стане град кој нема да ги заборави своите населби и населени места, порача независниот кандидат од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска, на вечерашната средба со граѓани во Топанско Поле, општина Чаир.

Арсовска истакна дека сообраќајниот коридор Мавровка, ќе стане архитектонска гордост за решавање на гужвите во сообраќајот, како и дека приоритет ќе и биде уредувањето на кејот на реката Серава со спортско-рекреативни содржини.

– Ќе го направиме овој дел да биде новото зелено катче во Скопје. Ќе ги ревитализираме парковите во Чаир. Планираме проширување и реконструкција на една од главните артерии на градот – булеварот „Цветан Димов”. Иако се работи за комплексен проект, мојата визија е овој булевар да го опремиме со уште по една дополнителна лента, како и надвозник од мостот Бит-пазар до Христијан Тодоровски Карпош, вети Арсовска.

Фото: Фејсбук, Данела Арсовска

Таа порача дека имаат план и програма за сите населени места со ургентни приоритети со кои според неа ќе се решат клучните проблеми на граѓаните од населбите во делот на инфраструктура, водовод, канализација, паркови и места за рекреација, дополнувајќи дека Чаир е прекрасна општина и го чува духот на она подзаборавено Скопје.

– Овој градоначалник ветуваше и зелен коридор на реката Серава и Лепенец, за поврзување на сите овие општини. Денес тоа е запуштено и заборавено место, налик на депонија. Ви вети и водоводна и канализациона мрежа до секое населено место во Чаир. Денес гледаме дека и тоа е лага, сѐ уште во Чаир има места кои се гушат во кал и немаат чиста вода за пиење. Посетив многу такви населби овде, кон Гази Баба, кон Топаана. Жално е луѓето во 21 век да живеат така како што живеат во Чаир, потенцираше таа.

Арсовска пред чаирчани нагласи дека граѓаните брзо и сигурно ќе му кажат крај на криминалот, неработењето, корупцијата и непотизмот.

Извор: МИА

Видео на денот