ФОТО | Апарат за испитувања на бубрези, тироидна жлезда, венска циркулација и малигни заболувања ставен во функција во болницата во Битола

Фото: Facebook/Венко Филипче

Нов апарат кој служи за функционални испитувања на бубрезите, тироидната жлезда, венската циркулација и испитувања на малигните заболувања е ставен во функција во Клиничката болница во Битола. Тоа е таканаречена спек камера, која со донација преку проектот на Меѓународната агенција за атомска енергија од Виена, првпат ја добива болницата во Битола заедно со апарат за компјутерска томографија.

Ова денеска го соопшти министерот за здравство Венко Филипче по посетата на болницата, кој посочи дека пациентите кои имаат потреба од ова испитување нема веќе да треба да патуваат во Скопје.

– Значи голема бројка на жители не само во Битола, туку и во целокупниот овој регион ќе ја користи експертизата на лекарите кои со години работат тука сега и со нов апарат што нуди посебен дополнителен квалитет на здравствената услуга, рече Филипче.

Тој потенцира дека со директорката на Клиничката болница во Битола, Билјана Гагачовска разговарале и за некои други аспекти и предизвици во секојдневното функционирање, како и во однос на платите и вакцинацијата.

– Сега вработените во болницата во Битола ги чекаат оние други зголемувања, дополнителна сума на средства што потекнува од зголемувањето на платите, пет проценти месечно за последните два месеци и тоа треба да стигне во следниот период и понатаму да продолжи на месечна основа, тоа е оној додаток за работа со Ковид пациенти што доцнеше неколку месеци, па сега се исплаќа, истакна Филипче и додаде дека со Гагачовска разговарале и за процесот на вакцинација.

Фото: Facebook/Венко Филипче

Битолската болница, посочи министерот, е една институција која што навистина може да се пофали со висок опфат на вакцинација на вработените, некаде помеѓу 75 и 80 проценти од сите вработени се вакцинирани, што е одличен знак дека здравствениот персонал тука е прилично добро заштитен.

– Разговаравме и за тоа што треба дополнително да се направи за да се стави во функција делот за онкологија, односно акцелераторот. Аплициравме на проект за првпат достапен во нашата земја преку ИПА-инструментот на ЕУ, аплициравме во еден дел на онкологија и преку тој инструмент ќе ги добиеме сите потребни делови што во овој момент ни недостасуваат и компјутерска томографија за симулација, што значи дека некаде од почетокот на следната година и во овој дел на функционирање на онкологијата во битолската болница пациентите не само од Битола, туку и од целиот овој регион за зрачна терапија нема да се упатуваат во Скопје, туку ќе ја добиваат овде во овој центар, додаде Филипче.

Директорката на болницата, Гагачовска изрази благодарност до Министерството за здравство за овозможување на овој апарат што е спект КТ- гама камера, најновата технологија добиена преку Интернационалната агенција за атомска енергија од Виена.

Таа посочи дека досега Клиничката болница работела на гама камера во Одделението за нуклеарна медицина, меѓутоа со овој апарат што има интегрирано испитување, не само спект, туку и компјутерска томографија се добива, има големи предности, ќе се скрати многу времето на снимање и ќе има поголема искористеност на радиоактивните материјали.

– Ваква камера има во Институтот за патофизиологија во Скопје и предностите сега на жителите од Југозападниот регион ќе биде што ќе ги добиваат услугите во битолската болница. Ние тековно продолжуваме со тие снимања кои сега ќе започнат од крајот на следниот месец. Планирани се покрај досегашните испитувања кои се прават во текот на следната година да воведеме и нови методи на испитувања со тоа да можеме да згрижиме што поголем број на пациенти, додаде д-р Гагачовска.

Видео на денот