Форд инвестира во производство на електрични возила во Британија

Американскиот автомобилски гигант Форд Мотор објави дека ќе инвестира дополнителни 149 милиони фунти (174 милиони евра) за зголемување на производството на погонски единици за електрични возила во фабрика за мотори во северна Англија.
Форд ќе инвестира 125 милиони фунти (146 милиони евра) во фабриката во Хејлвуд, на северот на Англија, и уште 24 милиони фунти (28 милиони евра) во развој и тестирање на нови делови што треба да се произведуваат во фабриката, пренесува Хина.
Со најавената сума, компанијата ќе ја зголеми вредноста на инвестицијата во преминот на британската фабрика кон производство на делови за електрични возила на 380 милиони фунти (444 милиони евра).
Производствениот капацитет во фабриката Хејлвуд ќе се зголеми од 250.000 на 420.000 единици годишно почнувајќи од 2024 година, објави американската компанија, додавајќи дека инвестицијата ќе заштити повеќе од 500 работни места. До 2026 година, фабриката треба да испорачува делови на 70 отсто од вкупно 600.000 електрични возила што компанијата планира да ги пласира годишно на европскиот пазар. Форд ќе продава само електрични возила во Европа од 2030 година, пет години пред да стапи на сила забраната за продажба на нови патнички автомобили со фосилни горива во Европската унија.