Фондација „Славко Јаневски“: Пет романи се во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“

Наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава ќе се врачи по 22. пат, а во најтесниот избор влегоа пет финалисти.

Петте романи што влегоа во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ за 2020 година се „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски (Или-Или), „Суво мастило“ од Владимир Илиевски (Македоника литера), „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски (Антолог), „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски (Антолог) и „Куќа над брановите“ од Билјана С. Црвенковска (Чудна шума). Во конкуренција за наградата беа вкупно 41 роман од современи македонски автори.

Делото „Куќа над брановите“ од Билјана С. Црвенковска е апокалиптичен роман во кој централниот лик – Бела, живее целосно изолиран живот на осамен остров среде океанот, додека светот околу неа е опустошуван од разорни бури како резултат на климатски промени и многубројни пандемии. Станува збор за роман за изумирањето на човечкиот род, или, пак, роман за крајот на светот, дури и роман за нов почеток, но, тој, пред сѐ, е роман за љубовта.

Романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски е комбинација од трилер и книжевна мистификација, со фина нота на љубов и верба во литературата. И еден лик занесеник по книги, речиси невозможен ендемичен вид во изумирање. Нетипично дело во контекст на македонската романескна продукција во последните години.

Романот „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски е комбинацијата на педесетина приказни за ликови од различни географски меридијани и приказни за четири лика од Скопје. Авторот се занимава со прашањата за тоа како луѓето ја гледаат „својата приказна“, но и колку конструкцијата на тоа што сме или што сакаме да бидеме е виртуелна имагинација.

Дејството на романот „Суво мастило“ од Владимир Илиевски го опфаќа бурниот период на преминот меѓу 19 и 20 век и се одвива во неколку средини во Европа (Битола, Дрезден, Загреб, Софија…). Животните патишта на хрватски инженер и пронаоѓач и на македонски чорбаџиски син, студент по музика во Дрезден, се сечат во временски, просторни и судбински точки. Тие точки отвораат моќни егзистенцијални прашалници кои не се поврзани само со времето и просторот, туку се и универзални.

Првиот квир-роман во македонската книжевност, „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски говори за борбата да бидеш свој, а не она што другите го очекувале од тебе или оној/онаа што си мислел дека треба да бидеш. Да бидеш ти – ти, пред себе, пред оние што ги љубиш, пред оние кои те љубат, пред оние кои не те разбираат, пред целиот свет, а тоа е предизвик за секој кој се обидува да ја осознае својата мисија во светот.

Жири-комисијата во состав: Оливера Николова (претседателка), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Грозданоски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) ќе го соопшти лауреатот на наградата „Роман на годината“, која се доделува под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД – Скопје, на 15 март на прес-конференција во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје (зад киното „Култура“). Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 72, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот