ФОНДАЦИЈА „Славко Јаневски“: „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова е Роман на годината за 2019

На последниот состанок на Комисијата за доделување на наградата Роман на годината за 2019 година, во организација на Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, со тајно гласање и со мнозинство гласови беше избран романот „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова.

Комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2019 година беше во состав: Николина Андова Шопова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Милован Стефановски (писател), Весна Мојсова Чепишевска (професорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“), Славе Ѓорѓо Димоски (писател) и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“).

Оливера Николова и Ѕвездан Георгиевски

Во образложението за наградата Комисијата истакна дека „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова е роман што својата приказна ја темели на историски податоци, а фикцијата деликатно се испреплетува со фактите.

– Писмото на Николова е моќно, автентично и рафинирано. Таа и во овој роман покажува истенчено чувство за детали, кои го збогатуваат наративниот мозаик и кои суптилно исткајуваат мрежа од симболи. Смелата авторска идеја е успешно реализирана во творечки резултат со високи естетски вредности. Авторката умешно ја води приказната до самиот крај, одржувајќи ја компактноста на структурата, уверливоста на изградените ликови и книжевни ситуации, како и стилско-јазичната префинетост, стои во образложението за наградата.

Катерина Богоева и Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата „Славко Јаневски“ ја објавија одлуката за наградата (Фотографија: Слободен печат / Арбнора Мемети)

Во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ влегоа пет романи: „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков („Или-Или“), „Пагански времиња“ од Драги Михајлоски („Просветно дело“), „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова („Матица македонска“), „Последните денови на Ханс“ од Михајло Свидерски („Или-Или“) и „Приказни за госпоѓица Сит“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“). На конкурсот пристигнаа 38 романи.

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, а годинава се доделува по 21. пат. Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои од плакета, оригинална статуетка (дело на Сашо Саздов), како и паричен износ од 150.000 денари. Поради состојбата со коронавирусот, датумот на свеченото врачување на наградата, дополнително ќе биде одреден.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 22, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 март 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот