Фондација „Небрегово“: Чествување на Блаже Конески во Општина Аеродром

Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ во соработка со Општина Аеродром на 11 јуни организираше манифестација по повод 100-годишнината од раѓањето на големиот деец Блаже Конески.

Настанот се одржа ден по завршувањето на учебната година во основните и средните училишта за да има можност да се покажат дел од песните (лични творби) од ученици од основните училишта „Блаже Конески“ во Прилеп, Велес, Скудриње и Аеродром испратени на конкурсот на Фондацијата „Небрегово“ на тема „Поетски пораки за Конески“.

Според секретарот на Фондацијата „Небрегово“, Атанас Конески, на конкурсот пристигнале поетски творби од 176 учесници од многу градови и училишта. Од четирите основни училишта „Блаже Конески“ на конкурсот учествувале 33 ученици од Велес, 17 од Прилеп, 3 од Скудриње и 26 од Аеродром.

Присутните ученици, директори и градоначалници од овие општини Фондацијата „Небрегово“ ги награди со книгата „Македонски јазик: идентитет и континуитет“ од Трајко Стаматоски, како донација од издавачката куќа „Култура“ од Скопје.

Големото дело на Блаже Конески да биде показ, патоказ и инспирација и за идните генерации, истакна Атанас Конески / Фотографија: Општина Аеродром

– Речиси сите проучувачи на ликот и делото на Блаже Конески непобитно го истакнуваат својот непоколеблив став, содржан во основната програмска цел, дефинирана при формирањето на Фондацијата „Небрегово“: големото дело на Блаже Конески да биде показ, патоказ и инспирација и за идните генерации. Блаже Конески и неговото дело се повеќе од реченото и напишаното, бидејќи засекогаш останува живиот спомен за него и неговата бесмртност, а славата на бесмртните е бесконечна. Мислата на Конески дека „јазикот е единствената наша комплетна татковина“ е аманетот за сите генерации и со право е запишана на споменикот на Конески пред МАНУ, а искажана од Конески при промоцијата на книгата од Трајко Стаматоски „Борба за македонски литературен јазик“, на 29 март 1986 година. Јас само ќе додадам, македонскиот јазик е аксиома – непобитна вистина и не смее да се доведува во прашање неговиот опстој и неговата иднина – истакна Атанас Конески во својот говор на настанот.

Настанот, практично значеше одбележување на два јубилеја: 100 години од раѓањето на големиот Блаже Конески и 20 години од формирањето на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, именувана по неговото родно место.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 84, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот