Фондација „Ѓорѓи Марјановиќ“: Промовирана е книгата „Колумни“

Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ пред членовите на Ротари клубот во Битола неодамна ја промовираше книгата „Колумни“ од проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ. Книгата e објавена во три тома, на повеќе од 1.000 страници, содржи 329 колумни, кои Ѓорѓи Марјановиќ ги пишуваше за дневниот весник „Дневник“, од 1998 до 2006 година.

Книгата „Колумни“ не се продава на „традиционален“ начин, туку се обезбедува со донирање износ по сопствен избор. Сите приходи ќе бидат употребени за помош при школување и вработување деца без родители, деца на самохрани родители, невработени и други ранливи категории.

Истовремено со книгата беше промовирана и фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, за чија мисија и програма директорот на фондацијата Александар Марјановиќ истакна: „Фондацијата ќе се грижи за зачувување на творештвото на проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ, како и за остварување на неговиот сон – Македонија да ја направиме пристојно место за живеење. Во следниот период фондацијата ќe формира школа за идни лидери, која ќе биде непрофитна, наменета за деца и младинци со програма која ќе опфаќа ораторство, дебатирање, морални вредности и бонтон. Планирана е и реализација на програма за книги и читање, за да се развијат комуникациските вештини кај децата и ќе се организира годишно натпреварување по раскажување и читање“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 54, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 октомври – 1 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот