Фон дер Лајен: Западниот Балкан е дел од Европа, тие не се етапа на патот на свилата

Урсула фон Дер Лајен / СП. архива

Во својот годишен говор за состојбата на Европската Унија, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен нагласи дека отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија претставуваат историска одлука, јави дописничката на МИА од Брисел.

Оваа одлука таа ја поврза со односите помеѓу ЕУ и Кина, алудирајќи на патот на свилата, големиот кинески економски проект кој поминува низ балканскиот регион.

-Одлуката за отворање на преговорите со Албанија и Северна Македонија годинава беше историски чекор, иднината на целиот регион припаѓа во ЕУ, делиме иста историја и иста судбина, западниот Балкан е дел од Европа, тие не се етапа на патот на свилата, изјави Урсула фон дер Лајен.

Таа потврди дека во текот на наредните недели Европската Комисија ќе презентира нов пакет за економско закрепнување за целокупниот регион.

Според информациите на МИА се очекува Европската Комисија да одвои околу девет милијарди евра за регионалниот развој на западниот Балкан, пред сѐ во делот на инфраструктурни проекти и поврзување на земјите од регионот меѓу себе.

Извештајот за реформскиот напредок за Северна Македонија и на другите земји од регионот, познат како Пакетот за проширување, треба да биде објавен на 6 октомври, според изворите на МИА во ЕК.

Германското претседателство очекува во ноември земјите членки да дадат зелено светло за одржување на првата меѓувладина конференција со Скопје и Тирана, односно ефективното отворање на првите поглавја на преговорите со ЕУ. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот