Фон дер Лајен: Украина напредува зашто Европа ѝ е во срцето, исто како на Северна Македонија и Албанија

Урсула фон дер Лајен/ Фото EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Поголемиот дел од напредокот на Украина во ЕУ реформите е постигнат затоа што народот ја има Европа во своите срца и своите умови. Истото важи и за нашите пријатели во Албанија, во Северна Македонија и низ Западен Балкан. Важи и за Молдавија и Грузија, кои исто така побараа да се приклучат на нашата Унија. Ветерот на промени дува низ нашиот континент, порача, меѓу другото претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен во нејзиниот говор на десеттиот „Athens democracy forum”.

Таа детално говореше за демократијата и демократските вредности, истакнувајќи дека со рускиот напад врз Украина се води „војна на автократијата против демократијата”, но и изрази длабоко убедување дека „демократијата ќе надвладее”.

Рече дека сите демократии се „работа во тек, вклучително и внатрешноста на ЕУ, изградена врз ветувањето за единство во различноста” и додаде дека сепак ова ветување не е целосно постигнато.

Фон дер Лајен говореше за четири приоритети на кои е потребно фокусирање: новите закани, повеќекратните кризи, обидите за нови граници и идните генерации.

За новите закани рече дека „воените бродови и војниците повеќе не се единственото оружје во рацете на странските автократи”, туку и дезинформациите, како и сајбер нападите, што „исто така се дел од нивната војна против демократијата”.

Во однос на повеќекратните кризи, потсети на пандемијата, на здравствената криза и успешната набавка на вакцини, се осврна на реакцијата на Унијата „со брзина на светлината на рускиот напад против Украина, со најголемиот пакет санкции во историјата” и порача дека „демократиите можат да постигнат резултат ако дејствуваме обединето”.

-Нападот на Путин против Украина е обид да се смени текот на историјата и да се запре долгиот пат на демократијата, истакна претседателката на ЕК објаснувајќи го третиот приоритет и додаде дека не се работи само за војната на Русија против Украина, туку и на низа други демократии во светот.

Како четврти приоритет посочи дека „никогаш не треба да заборавиме дека нашите демократии им припаѓаат на идните генерации”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот