Фон дер Лајен: ЕУ нема да финансира „жици и огради” против мигрантите на границите

Урсула фон дер Лајен / Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Европската унија нема да финансира „бодликава жица и огради” на границата за да го спречи доаѓањето на мигрантите, како што бараат дванаесет земји, вклучувајќи ги Литванија и Австрија, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

-Јас бев многу јасна дека Комисијата и Парламентот одамна се согласија дека нема да финансираат бодликава жица и огради, рече лидерката на ЕК по самитот на 27-те земји членки во Брисел на кој се разговараше и за ова прашање.

Литванија гради ограда од бодликава жица долж границата со Белорусија за да го запре бранот мигранти, за чие оркестрирано доаѓање го обвинува белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Литванскиот претседател Гитанас Наузеда денеска во Брисел кажа дека таквите мерки се „неопходни на краток рок за управување со кризата”.

Доколку Литванија ја крене оградата, „може да смета на нашата солидарност. Не е на Литванците сами да ја финансираат”, изјави новиот австриски канцелар Александар Шаленберг.

Министрите за внатрешни работи на 12 земји членки (Австрија, Бугарија, Кипар, Данска, Естонија, Грција, Унгарија, Литванија, Латвија, Полска, Чешка и Словачка) на 7 октомври напишаа писмо до Европската комисија во кое од ЕУ бараат да ја финансира изградбата на таквите препреки на греаниицте.

„Физичката бариера е еден вид ефикасна мерка за заштита на границите, која им служи на интересите на целата ЕУ, не само на земјите-членки од првата линија”, оценуваат тие.

Комесарот за внатрешни работи Илва Јохансон им рече дека земјите имаат способност и право да градат огради, но кога станува збор за европското финансирање „тоа е друга работа”.

Полска, како и Литванија, почна да гради ограда од бодликава тел на дел од границата со Белорусија. Унгарија во екот на бегалската криза во 2015 година крена ограда на границата со Србија и Хрватска, а Словенија го стори истото со Хрватска.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот