Фолирањето во информирањето на пензионерите

Нема толкава (272.000) невладина и непартиска организација како Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија што му посветува толку големо внимание на информирањето на своето членство. Особено тоа беше нагласено последните десетина години, кога Сојузот го предводеше еден доајен на македонското новинарство, кој тогаш го измисли, или позајми мотото од теоријата на новинарството за значењето на информирањето и го преточи во изреката: „Само добро информиран пензионер е добар пензионер“. Можеби тој беше во право доколку не мислеше (а мислеше) на информирањето од страна на Сојузот, а не од другите средства за информирање. За да ја потврди ваквата „определба“, во име на нејзиното експонирање презеде мерки, така што покрај весникот „Пензионер плус“ покрена и подлисток „Пензионерски видици“ во „Нова Македонија“, па формира посебна Комисија за информирање и набележа други информативни дејности…

Овој „проект“ долго и успешно функционираше и се одржуваше за време на неговото владеење. Да се разбереме, немаше тука ништо лошо, доколку немаше, а можеби имаше, а и немаше?! Всушност, сė беше препуштено на самоволноста и самоконтролноста, зашто надзорот, иако постоеше, не беше мотивиран и заинтересиран за извршување на функцијата?! Затоа немаше потреба од поинакво информирање од востановеното во пензионерските гласила, што излегуваа месечно и се делеа бесплатно, зашто Сојузот имаше доволно пари во касата. Кога им се намалија финансиите, ја покачија членарината и обезбедија стабилен буџет за подолг период?! Челникот ништо не дозволуваше да се одвива стихијно и во информирањето. Како да предвидуваше дека главната уредничка уште долго ќе остане главна, па ја подучуваше од областа на новинарството, а наедно ја кондицираше за да може да го издржи товарот, зашто ја ангажираше и на други работи од рекламно-обезбедувачки и финансиски карактер. За чудо, пак, таа не се жалеше?! Дури неодамна, со обзнаната на Данинг-Кругеровиот ефект, многумина сфатија дека „психолошки“ била потхранувана и поттикнувана на поголема издржливост?!

Потоа, сите очи и надежи за промени во областа на информирањето беа вперени во новата претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, која на власт дојде благодарение на поткрепата од една навреме идентификувана поширока лоби група, во која учествуваше и претседателот на Партијата на пензионери. Сепак, не можат да се противречат нејзините заслуги, како и расположливиот „демократски“ капациотет што го поседуваше и постојано го потенцираше?! Но, не испадна како што ветуваше дека ќе се пресмета со старото раководство и ќе покаже храброст и сила на Херкул за докрај да расчисти со „ретроградните процеси“, а особено со „фолирањето“ на информирањето. Отстранувајќи го иницијаторот на продуцирањето добри и послушни пензионери, таа навистина успеа да го раскине „информативниот тандем“, притоа ампутирајќи им го најмилото – „Пензионерски видици“, веројатно за да ја растовари главната уредничка и да ја ублажи  разделбата од „учителот“, кој верувам сега дека има недоразбирања и со „ученичката“?! Од друга страна, врз „стечајната“ се напластија и други проблеми, па немаше сила за подлабок рез во информирањето, зашто некој ја подуучил да не си ја исечи гранката на која си направила седало?! Згора на тоа, никој не знае што дил имала со школската, која според непотврдени сознанија и се „качила на глава“ дури и и‘ преседнала?!

Но да се вратиме на мотото за доброто информирање на пензионерите, кое не само што не остана на претходното рамниште, туку отиде удолу?! Испадна како во народната, демек фолирај нешто да правиш за ништо да не направиш?! Дека информирањето не е толку во служба на пензионерите се докажа и за време на екот на пандемијата, кога раководството требаше нешто вонредно да направи, па дури и вонреден број на весниокот да издаде за да ги искаже своите ставови и препораки, па макар тоа да беше и во електронска форма на веб-страницата за да се види мобилноста и грижата на Сојузот за своето членство. Тоа не се случи, а се случи при вонредна состојба СЗПМ да биде во редовна?!

Вакуумот што се создаде поради недоволното и несоодветно информирање од одговорните во Сојузот овозможи циркулација на неофицијални информации, што некои добронамерници ги пласираа и преку медиумите за да укажат на пропустите и недостатоците, а беа сфатени дека шират лаги и невистини за состојбите во оваа најмасовна пензионерска организација?! Тоа, навистина создаде загриженост, несигурност и недоверба во водството.

Зарем им беше тешко на одговорните директно јавно и транспарентно да одговорат на поставуваните прашања од недоволно информираните граѓани и пензионери за некои состојби и шпекулации во пензионерската организација?! Ништо не е тајно и скришно ако се каже точно како и каде се распределува членарината што се издвојува од џебот на пензионерите (30 денари месечно), иако навистина објаснуваше претседателката на СЗПМ, ама мошне бегло и обиколно?! Зошто не кажа дека од тие пари значителна сума се издвојува за надоместоци на функционерите, од кои за претседателката на СЗПМ – толку денари, за претседателот на Собранието – толку, за потпретседателот на Извршниот одбор – толку и за другите избрани и неизбрани лица, без да се допираат другите додатоци. Зарем е срамота да се признае дека има голема кумулација на функциите во Сојузот и во здруженијата на пензионери, дека во некои здруженија се нарушени меѓучовечките односи, дека има проблеми во раководењето, особено во матичното здружение на претседателката, дека весникот ништо не информира за вакви состојби и така натаму?!

Отвореното и транспарентно настапување во јавноста ја афирмира пензионерската организација и ги воздигнува раководителите на највисоко рамниште, а вака сомнежот сите нė нагризува. Навистина јавно, јасно и гласно треба да се каже вистината!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот