Фокус на активната улога на заедниците во одржливоста на културното наследство

Европските денови на културно наследство со тема „Одржливо наследство“ кај нас ќе се одржат од 22 до 28 септември 2022 година. Со темата се става фокус на активната улога на заедниците, коишто градат поодржлива и посигурна иднина за европското наследство, во контекст на климатските промени и ризиците што тие ги носат.

Европските денови на културното наследство, како заедничка иницијатива на Советот на Европа и Европската комисија, се помеѓу најшироко одбележуваните културни настани во Европа. Повеќе од 50.000 настани што ќе се реализираат годинава низ целиот континент, имаат за цел да ја препознаат вредноста на заедничкото европско наследство и потребата тоа да се сочува за денешните и идните генерации.

– Одржливиот развој е еден од приоритетите на Советот на Европа. Нашата организација придонесе кон создавање на заеднички правни основи во Европа за биодиверзитетот, менаџирањето на природните ресурси и просторното планирање. Ја поздравувам темата на Европските денови на културното наследство 2022 – „Одржливо наследство“, бидејќи таа претставува релевантна можност да се подигне свеста за борбата против деградацијата на животната средина и климатските промени, како и да се развие култура на одржливост, со цел да се заштити различноста на културите – изјавува Генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, во заедничкото соопштение за медиумите на Советот на Европа и Европската комисија.

Во текот на септември, низ цела Европа се одвиваат најразлични активности (изложби, работилници, перформанси, организирани посети со водичи), коишто го промовираат одржливото наследство, во исто време истакнувајќи го значењето и на природните добра и биодиверзитетот.

– Оваа година го славиме наследството низ призмата на одржливоста, којашто не би можела да биде порелевантна, по очигледните и драматични знаци на климатски промени, низ коишто нашиот континент помина ова лето. Во таа смисла, Европските денови на културното наследство претставуваат одлична можност да се подигне свеста за ризиците со коишто е соочена животната средина, како дел од нашето споделено наследство, и да се преземе одржлива и одговорна акција за нејзина заштита. Не само заради нас самите и за заштита на нашиот културен идентитет, но и за да бидеме сигурни дека ќе оставиме наследство за идните генерации – изјави Марија Габриел, Европски комесар за образование, култура и младина.

Во нашата земја, Европските денови на културното наследство ќе се организираат во периодот од 22 до 28 септември 2022 година. Во манифестацијата ќе земат учество дваесетина музеи, граѓански здруженија и други институции од четиринаест градови и села во целата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот