„Фокус“: Куќата на Таравари во Тафталиџе претходно била во сопственост на Исмаил Јахоски од „Пуцко петрол“

Фото: „Фокус“

Куќата на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари во скопската населба Тафталиџе, за која ВМРО-ДПМНЕ обвини дека била дел од политички пазар за влегување на АА во Владата, претходно била во (ко)сопственост на бизнисменот Исмаил Јахоски, поранешен градоначалник на Пласница сопственик на компанијата „Пуцко петрол“, кој во моментов е пратеник во Собранието од редовите на ДУИ, покажуваат документи кои ги објави „Фокус“.

Куќата на Таравари стана дел од собраниската расправа за избор на нови владини министри од редовите на Алијанса, откако Таравари постигна договор со СДСМ и ДУИ за да го засили парламентарното мнозинство. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на опозициската партија, Александар Николоски, отворено праша дали Таравари ја добил куќата на подарок?

-Пријавил дека куќа од 256 квадрати купил за 150 илјади евра. Како во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат? Но, и дали воопшто тие 150 илјади евра воопшто се платени, зашто, според нашите сознанија, нема трансакции и на тие 150 илјади евра. Дали една од цените за влез во Владата е убавата куќа во Тафталиџе која му е поклонета на господинот Таравари од еден функционер од ДУИ? – праша Николоски.

Во одговор на овие тврдења, Таравари рече дека сѐ е чисто околу куќата, која тврдеше дека ја купил во 2021 година.

„Куќата е купена во 2021 година, постапката и документацијата за купопродажба е во целост чиста. Имаме и доста за реновирање, а кредитот, здравје, ќе го плаќаме подолго време. Ве канам на кафе во својот дом и да видите за што станува збор. Се надевам дека тие што обвинуваат еден ден и самите ќе дозволат да ѕирнете во нивното секојдневие. Па, и да направите споредба…“, изјави Таравари за „Фокус“ минатата недела.

Податоците од Катастарот на недвижности покажуваат дека Таравари преку имотен лист со број 47531 поседува земјиште од 100 квадратни метри и станбен објект-куќа од 261 квадратни метри, на улицата „Бриселска“, која ја има во неговиот анкетен лист доставен до Антикорупциската комисија, каде навел дека ја стекнал по пат на купопродажба за цена од 9.2 милиони денари или околу 150 илјади евра.

„Фокус“ дојде до историскиот преглед на извршените запишувања на катастарската парцела 1432/2, која го опфаќа земјиштето и објектот во моментална сопственост на Таравари. Како што произлегува од историјатот, парцелата со број 1432/2 се формира во 2009 година, кога практично се дели парцелата со број 1432, која дотогаш е во сопственост на повеќе членови на семејството Чинго, кои моментално се сопственици на објектот во соседната парцела со број 1432/1. Поточно, оваа парцела е во сопственост на Огнен Чинго, кој во 2013 година им го продава имотот на Љупка Јахоска, како и на уште едно лице со истото презиме – Иса Јахоски.

Тие поседуваат по една половина од овој имот сѐ до 2017 година, кога, според историјатот на сопственоста, Иса Јахоски својот дел го отстапува, односно подарува на пратеникот на ДУИ и бизнисмен Исмаил Јахоски, чие семејство ја поседува нафтената компанија „Пуцко Петрол“. Неколку години подоцна, односно во 2021 година, единствен сопственик на имотот станува Таравари, преку купопродажба, покажуваат документите до кои дојде „Фокус“.

Иако Таравари тврдеше дека нема информација оти имотот порано бил во сопственост на Јахоски или на членови на неговото семејство, официјалната документација потврдува дека тој купил имотот токму од пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски и од економистот на семејната нафтена компанија „Пуцко Петрол“ – Љупка Јахоска, која, како што покажуваат документите, во моментов го поседува соседниот плац и објект.

Николоски прашува дали влезот на Таравари во власта има врска со куќа во Тафталиџе

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот