Флик до крајот на сезоната ќе го води Баерн Минхен
Тој го информираше клубот во текот на оваа недела околу неговата одлука, а сега за „Скај ТВ“ изјави дека на крајот од сезоната не сака повеќе да биде на клупата на баварскиот гигант.
Веднаш после триумфот од 3:2 во Бундеслигата против Волфсбург, Ханси Флик ги извести играчите дека до крајот на сезоната ќе биде тренер на Баерн Минхен.
Флик не сакаше да даде повеќе детали, но медиумите известуваат дека тој имаше затегнати односи со спортскиот директор клубот од Минхен, Хасан Салихамиџиќ, во текот на изминатите месеци.
Тој исто така не сакаше да потврди дека има намера да го наследи Јоаким Лев како селектор на германската репрезентација следното лето (после Европското првенство), но призна дека тоа е „опција која секој тренер треба да ја разгледа“.
Поранешниот помошник на Лев, Флик, стана тренер на Баерн во ноември 2019 година и освои шест титули со тимот во изминатата сезона. Во оваа сезона тие можат да ја освојат само Бундеслигата.