ФК Вардар го крена гласот: Кој и зошто очигледно оди против нас, во чиј интерес е деградирањето на најтрофејниот клуб?!

ФК Вардар реагира на судиските неправди/ фото: ФК Вардар

Најтрофејниот фудбалски колектив во Македонија, Вардар, кој сезонава поради катастрофалната финансиска состојба, за прв пат игра во Втората лига, го кренат гласот против судиските неправди во есенскиот дел од сезоната. Вардарци тврдат дека се оштетени во директините конкуренти за првото место на табелата во Втората лига Запад, Силекс и Воска Спорт.

Силекс е лидер на табелата со 14 бода повеќе од Вардар, додека Воска Спорт има пет бода повеќе од „црвено-црните“.  Вардар загуби во директните пресметки со Силекс и Воска Спорт, но од таборот на „црвено-црните“ сметаат дека судиите имаат големо влијание во поразите.

Соопштението на ФК Вардар ви го пренесуваме во целост.

„Фудбалскиот клуб Вардар, како најтрофеен и најреномиран фудбалски колектив во Македонија по 12 oдиграни кола во овогодинешниот второлигашки фудбалски шампионат (запад) реши на јавноста да и се обрати со соопштение базирано на случувањата во изминатите натпревари кои директно одеа на штета на нашиот клуб. За што поточно станува збор?

Веќе извесно време молчиме, но на тоа молчење му дојде крајот. Реагираме како клуб на очигледните судиски грешки,  кои во континуитет се случуваат на натпреварите на ФК Вардар кои мора да кажеме дека директно влијаеа на неколку конечни резултати со тоа и на нашето бодовно салдо и моментален пласман на второлигашлката табела.

ФК Вардар реагира на очигледно калкулантското судење и арбитража на неколку натпревари, на кои поточно нотираме подолу во соопштението, и на кои намерно или ненамерно (се надеваме) ни се одземени неколку бодови. Истите сметаме дека засега се клучни за нашата позиција на табелата.


Кој и зошто очигледно оди против ФК Вардар ќе мора да запрашаме јавно и да побараме одговор од надлежните. Во чиј интерес е деградирањето на најтрофејниот Македонски фудбалски клуб кое се повторува од натпревар во натпревар? Свесни сме дека судиските грешки се дел од фудбалот, но тендеционзоста кај истите не можеме да ја прифатиме. Во ФК Вардар како колектив, управата, играчите, навивачите и сите засегнати во моментов се прашуваат дали се тоа навистина случајни и ненамерни судиски грешки и дали ФК Вардар на натпреварите против Беса, Силекс, и конечно Воска, директниот конкурент за пласман на табелата заслужи да загуби или да одигра нерешено? Дури и на натпревари на кои победивме, бевме сведоци на крупни грешки во арбитражата (против Гостивар)

Вардар  – Гостивар (9 коло)
-Ѓорѓиевски Владимир
-Степановски Петар
-Дрнковски Николче
*Сите од Битола

Вардар – Силекс (11 коло)
-Грујоски Александар
-Лика Куштрим
-Јанкуловски Зоран
*Сите од Кичево

Воска – Вардар (12 коло)
-Смоковски Кирил
-Мишевски Иле
-Смилковски Марјан
*Сите од Прилеп

Со ова соопштение сакаме конечно да дадеме до знаење дека сме свесни за она што во моментов се случува, бараме заштита од надлежните, и потенцираме дека никој нема право да си игра со судбината на најтрофејниот клуб во Македонија, особено сега кога е во позиција на „ранет лав“. Не можеме да ги затвараме очите и да бидеме неми набљудувачи на тенденциозното судење против нашиот клуб. ФК Вардар бил, е, и ќе биде најголемиот фудбалски бренд без разлика во која лига настапува и секогаш ќе ја има поддршката од сите кои го сакаат и почитуваат. Посакуваме фер и коректна шанса да се избориме за она што е наша примарна цел, да го вратиме ФК Вардар онаму каде што му е местото. На врвот на Македонскиот фудбал. И убедени сме дека ќе успееме во тоа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот