ФИТР: Продолжен рокот за аплицирање на јавниот повик за „старт-ап” и „спин-оф” компании

Јавниот повик е наменет за финансирање на новоосновани, микро, мали и средни претпријатија (не постари од 6 години).

Поради зголемениот интерес, особено од студенти и млади од целата држава, рокот за аплицирање за јавниот повик за кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ е продолжен за дваесет дена односно до 15 март, 2020 година (До 23:59 часот).

Одлуката следи откако до Фондот беа испратени повеќе писмени барања од студенти и млади од целата држава за продолжување на рокот за аплицирање, а за интересот во однос на овој инструмент за финансиска поддршка на Фондот, зборува и фактот дека досега се превземени над 750 апликациски пакети.

Јавниот повик е наменет за финансирање на новоосновани, микро, мали и средни претпријатија (не постари од 6 години), кои имаат иновативна идеја во фаза на „потврден концепт“ со реален план за комерцијализација.

Преку овој инструмент се обезбедува финансиска поддршка за активности на истражување и развој на „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија и имплементирање на иновативни решенија, како и поддршка на претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст.

Целта на овој повик, меѓу другото е што повеќе млади луѓе своите идеи да ги преточат во бизнис, да отворат свои компании и да аплицираат.

Вкупниот буџет за повикот изнесува еден и пол милиони евра, а преку овој инструмент е предвидено кофинансирање од ФИТР најмногу до 85% од вкупниот буџет за проектот, односно максимален износ од 30.000 евра. Преостанатите 15% од средствата треба да бидат обезбедени од компаниите. 

Во периодот до истекување на рокот за аплицирање, за домашните компании ФИТР обезбедува користење на бесплатна советодавна поддршка и техничка помош. Повеќе информации за повикот и начинот на аплицирање на http://www.fitr.mk/startapuvaj-2/

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот