Фискална стратегија 2020-2022: МФ предвидува континуирано забрзување на економскиот раст – Слободен печат
ВестиЕкономија

Фискална стратегија 2020-2022: МФ предвидува континуирано забрзување на економскиот раст

Растот на БДП се очекува да се зголеми на 4,2% во 2020 година, и во наредните две години да продолжи со посилен интензитет, односно да достигне 5%.

Континуираното забрзување на растот во текот на 2018 година и позитивните поместувања во првото тримесечје од 2019 година се основа за нагорна ревизија на проекцијата за економски раст во 2019 година на 3,5%.

Растот на БДП се очекува да се зголеми на 4,2% во 2020 година, и во наредните две години да продолжи со посилен интензитет, односно да достигне 5%. Ова се проекциите на Министерството за финансии во Фискалната стратегија која беше усвоена од Владата на Р. Северна Македонија.

Фискалната стратегија се усвојува за период од три години и ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот. Фискалната стратегија e одраз на среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата на Северна Македонија.

Според Фискалната стратегија, приватната потрошувачка ќе има значаен придонес врз економскиот раст во овој среднорочен период, со просечен годишен раст од 2,8% на реална основа.

Растот на приватната потрошувачка се поврзува со растот на вработеноста во приватниот сектор, поддржан и преку активните мерки за вработување, зголемувањето на платите во економијата, како и мерките за зајакнување на социјалната заштита, кои ќе резултираат со раст на расположливиот доход на домаќинствата, а дополнителен импулс ќе има и растот на кредитирањето.

Проекцијата за раст на бруто-инвестициите во периодот 2020-2022 година изнесува 6,1% во просек на реална основа. Зголемената доверба на економските субјекти, поповолната деловна клима, подобрените евроатлантски перспективи, приливот на странски директни инвестиции и владините мерки за поттикнување на инвестициите ќе влијаат значително врз растот на инвестициите, а позитивен придонес се очекува и од планираните инвестиции на јавниот сектор.

Во овој период, нето-извозот се очекува да има позитивен и зголемен придонес врз растот на економската активност. Извозот на стоки и услуги е предвидено да забележи реален раст од 9,1% во просек. Позитивните движења кај потрошувачката, инвестициите и извозот ќе резултираат со просечен реален раст на увозот на стоки и услуги од 6,8%.

Со цел зајакнување на фискалната дисциплина, среднорочната фискална стратегија воведува  лимити на буџетските расходи, и тоа вкупни лимити, и лимити по буџетски корисници. Во таа насока, годишната стапка на раст на вкупните расходи на Буџетот на Република Северна Македонија постепено ќе забавува од 14,2% во 2019 година на 5,2% во 2022 година.

Во комбинација со очекуваната наплата на приходите, ова ќе обезбеди постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 2,5% од БДП во 2019 година на 2,3% во 2020 година и по 2% од БДП во 2021 и 2022 година.

Притоа, лимитите за буџетскиот дефицит како клучен индикатор за поставеноста на фискалната политика се задржани на речиси исто ниво во апсолутен износ, како и на исто ниво како процент од БДП како и претходната Фискална стратегија. Задржувањето на патеката на постепена консолидација го потврдува курсот на фискална дисциплина, а непроменетите проекции за буџетскиот дефицит дополнително ја зајакнуваат предвидливоста на фискалната политика. Примарниот буџетски дефицит исто така ќе се намали од 1,2% од БДП во 2019 и 2020 година на 0,8% во 2021 и понатаму на 0,5% во 2022 година.

Движењето на јавниот долг во наредниот период ќе биде одраз на среднорочната буџетска рамка, имплементацијата на капитални проекти, како и отплатите на долгот кој достасува (околу 2,3 милијарди во главница за периодот 2019-2022 година).

Досегашните остварувања, како и ревидираните проекции за економскиот раст и задржаниот курс на фискална дисциплина резултираат со значителна надолна ревизија на проекциите на долгот. Имено, Ревидираната фискална стратегија претпоставуваше јавен долг од 49,8% од БДП во 2018 година, наспроти остварениот значително понизок јавен долг од 48,5% од БДП.

Дисциплинираната фискална политика, со постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит и на приближно балансирање на примарниот буџетски дефицит на среден рок (2% и 0,5% од БДП соодветно во 2022 година), претставува главен фактор за надолната траекторија на државниот долг, односно неговото намалување од проектираните 42,2% од БДП во 2019 година на 39% од БДП во 2022 година.

Понатаму, заради имплементација на проектите главно во патната инфраструктура со заеми гарантирани од државата, ќе дојде до умерено зголемување на гарантираниот долг до 11,1% од БДП во 2021 година и потоа негово намалување на 10,1% од БДП во 2022 година.

Надолната патека на државниот долг, и умерениот раст на гарантираниот долг заради инфраструктурните проекти и потоа неговиот пад, ќе резултираат со умерено зголемување на вкупниот јавен долг на 51,7% од БДП во 2019 година и 52,3% од БДП во 2020 година, и потоа намалување на 50,8% од БДП во 2021 година и дополнително на 49,1% од БДП во 2022 година.

Ова е значително под утврдениот лимит за нивото на јавниот долг од 60% од БДП, односно јавниот долг во наредниот период нема да ја загрози оддржливоста на фискалната политика. Исто така, новите проекции за нивото на јавниот долг се значително пониски од претходно (за 2 процентни поени, во просек), што укажува на ефективноста на преземените мерки и планираните политики за стабилизирање и потоа намалување на јавниот долг на среден рок.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close