Фирмите поврзани со Боки 13 затаиле данок над 20 милиони денари: Боки делел часовници и авионски карти, а и од притвор си купил мебел

Драги Митрески

Управата за јавни приходи (УЈП) ќе поднесе кривични пријави за затајување данок против невладината организација Меѓународен сојуз и Бојан Јовановски – Боки 13, против компанијата „БМЈ груп“ на неговиот татко, како одговорно лице, Миле Јовановски, и против „Томато продукција“ и одговорното лице Бранислав Поповиќ. Вкупните побарувања за неплатени даноци се повеќе од 20 милиони денари.

Од УЈП вчера објаснија дека сè уште се работи на предметите, дека за нив се направени записници, дел од нив се предадени со оглед на процедурата кога станува збор за притворени лица, но од тоа што е досега утврдено за овие три фирми и за нивните управители, има основа за кривична пријава, додека во случајот со 1ТВ станува збор само за даночно побарување.

Меѓународниот сојуз неизградениот дом го искористил и за помал данок

Управата го истражувала случајот со парите за европски дом за стари лица, за кој на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска легнаа 729.000 евра.

– Постојат два договора за стратешко партнерство за изградба на европски дом за стари лица. Едниот е склучен помеѓу невладината Меѓународен сојуз и компанијата „Дрим билдинг“ од Струга, а другиот помеѓу Меѓународниот сојуз и „Пелистер“ од Битола. Со едно известување од овластеното лице на Меѓународниот сојуз, односно од Бојан Јовановски, парите од двете компании наместо во Меѓународниот сојуз се уплатуваат на сметките на две физички лица, кои веќе ѝ се познати на јавноста – пензионерката Лилјана Тодоровска и Јасна Мандиќ, управителка во 1ТВ. Парите се исплатуваат преку Авторска агенција каде што не е доставен никаков договор за соработка со нив. Овде УЈП гледа даночно затајување. Има даночно непризнат расход, со што се зголемува основицата на данокот на добивка – објаснуваат од УЈП и додаваат дека дополнителна работа е што овие пари воопшто не се искористиле наменски – за градење дом за стари лица.

Управата утврдила дека Меѓународниот сојуз немала сметководител, дека  нема документација за доделување ваучери на социјално загрозени семејства, а има фактура за примена донација за оваа намена. Затоа тие пари се третираат како приход, а за нив не е платен данок.

За 1ТВ има даночни побарувања, но и кривична пријава

Телевизијата 1ТВ, пак, додека нејзиниот неформален газда Бојан Јовановски бил во притвор, му испратила фактура за мебел.

– Тоа се скапи гарнитури, кујнски мебел, телевизори и слично. За тој мебел имало фактура и мебелот бил купен од страна на 1ТВ. Но, кога отидовме на увид, не го најдовме. Кога прашавме каде е, ни кажаа дека му е испорачан на Бојан Јовановски и дека му е извршено префактурирање. Ова е многу чудна ситуација, затоа што периодот се поклопува со времето кога тој е во притвор – објаснуваат од УЈП.

Оттаму велат дека се евидентирани и авионски билети, хотелски сместувања, часовници и тоа за луѓе што ниту работеле во 1ТВ ниту имале договори за соработка. Во сите овие случаи, УЈП констатирала дека нема платено данок, но тврдат дека не постои даночно затајување, затоа што сè било пријавено. Затоа и немало основа за кривични пријави, туку само за даночни побарувања.

„БМЈ груп“ му дал милионска позајмица на таткото на Бојан

Таткото на Боки 13, Миле Јовановски, добил позајмица од „БМЈ груп“, компанија што тој ја основал. Од УЈП велат дека засега не можат да информираат за колкав износ станува збор, но велат дека е милионска сума. За таа позајмица има договор, но иако не е вратена во 2019 година таа „исчезнува“, односно веќе не постои такво побарување.

– Ако позајмицата не биде вратена до крајот на годината, тогаш таа влегува во даночната основа за данок на добивка и затоа ние го побаруваме тој износ – велат од УЈП.

„Томато продукција“ го издала просторот на 1ТВ, а му изнајмувала и опрема и токму поради тоа била цел на истрагата на УЈП. Инспекторите нешто забележале, поради што и одговорното лице на „Томато продукција“ – Бранислав Поповиќ, ќе добие кривична пријава.

„Томато продукција“ во 2008 година го градела објектот во кој беше сместена 1ТВ на земјиштето во сопственост на сопругата на Поповиќ. Притоа тие користеле право на одбивка на ДДВ за влезните фактури. Но, кога се изградил објектот, тој бил на име на сопругата на Поповиќ, која ѝ го отстапила на „Томато продукција“ без надоместок. Во овој случај, ако „Томато продукција“ ѝ гради објект на Поповиќ, треба тоа и да го наплати, односно да има фактура со ДДВ и со персонален данок, објаснуваат од Управата за јавни приходи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот