Финската премиерка позираше без градник и кошула и ја подели јавноста: Што (не) е дозволено во облекувањето на политичарите?
Фотографијата на финската премиерка Сана Марин, објавена во магазинот „Тренди“ предизвика бурни реакции и ја подели јавноста.
Премиерката не позира „закопчана до грло“, туку напротив – пред фотографскиот објектив застанала само со палто и ѓердан на себе, без кошула и градник.
Сана Марин (34) е најмладата премиерка на светот, а сега е во центар на вниманието поради оваа фотографија.
Оваа фотографија го подели мислењето на јавноста. Едни сметаат дека е неприкладна за нејзината функција, а други го негираат ваквиот став и сметаат дека тоа е само уште еден показател на нерамноправноста на половите.
Многумина потсетуваат дека кога претседателот Путин се фотографира гол до половина на тоа се гледа со одобрување и отворено воодушевување за неговата фигура.
Но кога убава и млада премиерка се слика во палто под кое нема градник и кошула, тоа е ерес, без оглед што на фотографијата нема ништо вулгарно.
Во одбрана на женските права и за поддршка на финската премиерка Сана Марин, многубројни корисници на социјалните мрежи почнаа да се сликаат само во палта и да ги објавуваат фотографиите под хаштагот #iamwithsana.
Сана Марин во политиката влезе кога имаше 27 години и доживеа молњевит успех. Судејќи според текстовите во медииумите, таа е мошне интересна личност. Во едно од интервјуата рекла дека во детството се чувствувала невидлива бидејќи не можела слободно да зборува за своето семејство. По разводот на нејзините родители раснела во заедница со мајка ѝ и нејзината партнерка. Мајка ѝ и влевала самодоверба, ја учела да верува дека во животот може да постигне сѐ што ќе посака. Не крие дека таа е првиот член од нејзиното семејство кој завршил факултет, а денес, освен што е премиерка на Финска, таа е и мајка на двегодишната Ема која ја добила во врската со долгогодишниот партнер.